Заев и СДСМ се уплашија од предлогот на Мицкоски за „шпицен“ мандатар

Челникот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во пресрет на предвремените парламентарни избори закажани за 12-ти април предложи кандидатот за иден премиер да не биде и кандидат за пратеник, односно воведувањето на категоријата „кандидат за иден мандатар“, според германскиот и европски урнек на „шпицен кандидат“, чија цел е поразениот на изборите да не може како досега да се крие зад пратеничкиот мандат и имунитет, но владејачката СДСМ соопшти дека премиерот Зоран Заев откако прво ја прифати ваквата опција, ретерираше и најави дека тој ќе биде и кандидат и мандар, но јасно дека интенцијата е по евентуален пораз да го задржи имунитетот што ќе му ја дава пратеничката позиција.

Мицкоски предложи да се воведе категоријата „кандидат за иден мандатар“ кој ќе биде носител на партиската изборна кампања. Како што посочи опозицискиот лидер, со таквиот потег ќе се променат многу важни работи, бидејќи поразениот нема да може како досега да продолжи да се крие зад пратеничкиот мандат и зад имунитетот што го има во Собранието.

Зошто да не воведеме во Изборниот законик механизам што ќе биде по теркот на Европската народна партија и кој беше дел од европските искуства на европските избори, таканаречен шпицен кандидат. Ние може да го именуваме како кандидат за мандатар, односно носител на мандатот. Човек што утре ќе ја добие довербата од граѓаните за да формира Влада или, пак, неговата понуда и неговите политики ќе бидат поразени. Тоа менува многу затоа што досега вие излегувате на избори, доживувате пораз и потоа се криете зад пратеничкиот мандат и зад имунитетот којшто го имате во Собранието, а вашата политика граѓаните ја поразиле. Ајде да бидеме честити, предложи Мицкоски.

Од СДСМ, избегнувајќи го директниот одговор на понудата на Мицскоски, за Слободен печат одговорија дека „Зоран Заев ќе биде и мандатар и премиер“, бидејќи тоа било „единствесната логина и извесна опција за напредок“.

„Христијан Мицкоски ќе има право да биде опозициски пратеник, но прашање е дали неговата партија нема да го отпише од своите редови по тешкиот пораз на изборите во април следната година. Додека Мицкоски размислува за порази, СДСМ носи успеси за граѓаните и се подготвува за нов четиригодишен мандат “, одговориле од владејачката партија.

ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение обвини дека Заев сака да стане пратеник за да може да се крие зад пратеничкиот имунитет во надеж дека ќе се спасува од правдата.

„По 12 април Македонија мора да биде правна држава еднаква за сите. Ајде Заев, охрабри се. Доколку мислиш дека распродажбата и осиромашувањето на државата ти носи поени, прифати ако загубиш на претстојните парламентарни избори на 12 април да си заминеш од политиката, без притоа да се криеш зад пратеничкиот комодитет“,  се наведува во партиското соопштение.

Претходно во четвртокот на прашање од пратеникот од опозицијата Владимир Ѓорчев, дали премиерот Заев ќе го прифати предизвикот на лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски за воспоставување на како што го велат во Европа „шпицен кандидат“, односно кандидат за мандатар за состав на следната влада по изборите на 12 април следната година, премиерот Заев пропушти да одговори дали ќе си даде оставка и ќе си замине од политиката.

„Дали вие како лидер на СДСМ, како претседател на владата сте подготвени пред граѓаните на Македонија да излезете со јасна понуда и да се каже кој е кандидатот за премиер и доколку победи тој ќе ја води владата, дали вие господине Заев макар и да имате еден глас помалку од ВМРО-ДПМНЕ сте подготвени да ја напуштите политиката и да поднесете оставка од претседателското место во СДСМ, затоа пто граѓаните се тие коишто го имаат последниот збор ?“, праша пратеникот Ѓорчев.

Премиерот Заев од собраниската говорница одговори дека тој ќе биде кандидатот за премиер и ќе „играл“ како што вели на сите позиции,тој вели дека очекува победа на СДСМ со убава разлика за да добијат еден цел мандат од четири години и да се посветат на внатрешните трансформативни процеси.

„Јас се согласувам да имаме кампања каде што двата премиерски кандидати ќе бидат истакнати, ќе бидат видливи, ќе бидат отворени, ќе бидат транспарентни, дуел ќе прифатам во било кое време на секој медиум, на секоја можност, се надевам вашиот лидер тоа ќе го прифати затоа што тоа е дел од обврската наша како кандидати“, рече Заев, но пропушти да одговори дали доколку при неуспех на престојните избори ќе се повлече од политиката и од претседателското место во СДСМ.