Заедничкиот македонско-грчки комитет на експерти на Македонија и Грција не може да почне со работа пред ратификацијата на Договорот од Преспа во двете земји, рече премиерот Зоран Заев попаднево во Парламентот, потенцирајќи дека тоа би можело да се случи во март.
Одговарајќи на прашање на пратеничката Магдалена Манаскова од ВМРО-ДПМНЕ во врска со експерите ангажирани во Заедничкиот интердисциплинарен комитет на експерти што го формираа Македонија и Грција, Заев рече дека дел од членовите од македонска страна се универзитетски професори и оти за такви комисии никогаш немало конкурси.
Договорот прецизира во кои области ќе работат комисиите. Целта е да ги отстраниме сите оние работи кои предизвикаа иредентизам, или се спротивни од желбата за градење на пријателство, за меѓусебно признавање, прифажање или слично, убедени дека низ пријателството ќе отвориме други перспективи за многу граѓани, пред се, граѓани и од Македонија и од Грција што дефинитивно ќе биде од помош во сите сфери од општественото живеење, рече Заев
На забелешката на пратеничката, премиерот кажа дека може да биде предложен експерт и дека доколку може комисијата ќе биде дополнета.
Целта е и преку овие стручни комисии да ги извадиме аргументите на двете страни. Преку аргументите и преку филозофијата на пријателството идно, да ги изнајдеме начините, рече премиерот.
Претходно, Заев одговарајќи на прашање за нов Клинички центар, кажа во овој мандат на Владата до крајот на 2020 година може да отпочне изградба.
Се надевам дека можеме да си го дадеме како амбиција крајот на 2019 или пролетта на 2020 година ако е чиста локација со решени имотно-правни односи, урбанизација завршена, а имаме и проектна документација. Но, ако работиме заедно верувам дека ќе ги забрзаме сите процеси, рече Заев.
Во делот на финансирањето на единиците на локалната самоуправа, рече Заев, точно е дека општините имаа законска обврска да ги пријават во Министерството за финансии обврските кои заедно со буџетските корисници без јавните комунални претпријатија се пет милијарди и 950 милиони денари.
Затоа 51 процент донесовме одлука да го помогнеме тој долг на самите општини за да можеме прво ненавлегувајќи за причините. Прво е несоодветно финансирањето и тоа структурно мораме да го решиме. Руралните општини ни каскаат во место. ЗЕЛС веќе отвори дебата. Сега се дебатира за блок дотациите, но верувам дека финансиската стабилност пред се заедно со ЗЕЛС и општините ќе ја зајакнеме за трајно да ги подобриме општините во Република Македонија, рече премиерот одговарајќи на прашање на пратеникот Илија Димовски.
Овие средства проектирани во ребалансот на Буџетот се однесуваат за конкретни обврски на општините во коишто не спаѓаат режиски трошоци, струја, вода и слично.
Во самиот закон којшто е пуштен веќе во Парламентот има одредби да не можат општините да проектираат буџет поголем од 10 отсто од просечната реализација на претходните три години, освен ако имаат дополнителна потврда за обезбедени пари, некој капитален проект, инвестиција што ќе носи комуналии. Можат на основа на тој документ, издадено решение за пресметка да го зголемат својот буџет, рече премиерот.
Вицепремиерот Кочо Анѓушев, пак, кажа дека индустриското производство заклучно со август е зголемено за шест отсто во споредба со лани. Разликата со претходната Владата во однос на странските инвеститори, рече Анѓушев, е што „ние не правиме театар“ од тоа. Побара од опозицијата да не ја потценува македонската економија, бидејќи има зголемен обем на работа. Вицепремиерот истакна дека анексот за проектот Кичево – Охрид наскоро ќе биде на владина седница, но со 35 отсто заштеда.
Подобро е да го пуштиме пет-шест месеци подоцна, но да заштедиме, рече Анѓушев.
Министерката за одбрана Радмила Шекеринска, зборувајќи за состанокот во Брисел во седиштето на НАТО, кажа дека во петокот на гласањето за уставните измени во Парламентот се покажало дека имаме консезус по стратешки прашања, но дека овој процес треба да се заврши докрај