Заев најавува кадровски промени и можна реконструкција

Премиерот Зоран Заев во интервју за порталот Призма најавува дека напролет ќе има кадровски промени во институциите, поради забелешките дека отсуствува енергична реакција со којашто јасно ќе се покаже нулта толеранција за неодговорно и коруптивно однесување.

Рекапитулацијата по десет месеци од изборот на Владата, како што вели Заев, може да предизвика и нејзина реконструкција.

„Тоа што значи неуспешност во менаџирањето на една институција, не може да заврши како рефлексија во самата институција. Ќе следуваат кадровски промени. Не сакам никој да ја изгуби шансата. Ако не е за првото место, можеби ќе биде за второто, третото, четвртото… Има огромен дел кои многу сакаат да се докажат, но не знаат. Тука се и новите генерации кои доаѓаат и, веројатно, паралелно и учат. Има дел кои знаат и се трудат. Има дел кои ниту знаат, ниту се трудат“, вели Заев.

Сведувањето на пресметките и процените ќе се случи напролет, кога, како што вели, на дел од нив ќе им се заблагодари.

„Немаме многу време, а граѓаните чекаат резултати. Рекапитуларот може да предизвика и реконструкција. Може да има промена на директори, но и промена на министри, на државни секретари…“, најавува премиерот Зоран Заев.