Заев не го дава Рашковски

Премиерот Зоран Заев не гледа  причина за разрешување на генералниот секретар на Владата, Драги Рашковски. За Заев ниту сомневањата за постоење на криминал, ниту расистичките навреди кои ги кажува владиниот генсек не се доволна причина за да го повика Рашковски на одговорност и поднесување оставка од морални и етички причини.

Заев вели Рашковски во спроведувањето на тендерот за набавка на опрема на МНАВ се вклучил по задолжение од Владата.

„Случајот со „Леонардо” го затекнавме кога дојдовме како Влада. Се работи за тендер што е завршен во 2016 година, но постапката до крај не е завршена. Тоа беше јавно, детално објаснето. Тужба како Влада, нема да поднесеме, но секој како физичко лице тоа може да го стори за да го заштити својот дигнитет и достоинство. Кога прифаќаме одредени функции свесни сме дека треба да бидеме под лупа на јавноста, но тоа не значи да бидеме и боксерски вреќи, некој да не прави салата“, изјави Заев одговарајќи на низа новинарски прашања поврзани со инволвираноста на Рашковски во процесот на потпишување на договорот за опремата за МАНВ со италијанската компанија „Леонардо“.

Рашковски доби поддршка од премиерот и за најавите за тужби против медиуми и новинари. Заев вели како Влада нема да поднесат тужби, но според него, „не може некој да го правите салата како физичко лице“ и смета дека генералниот секретар има право да го брани својот личен интегритет и достоинство. Ваквиот став на Заев, доаѓа по реакциите од новинарските здруженија, но и Агенцијата за медиумите кои му порачаа на Рашковски, но и на останатите владини функционери, дека заканите со тужби се притисок врз медиумите и новинарите, а тие како вршители на јавни функции се должни да покажат повисок степен на толеранција на критика од страна на новинарите и јавноста.

Во меѓувреме јавноста е се погласна дека Рашковски треба да си поднесе оставка поради информациите кои излегоа во јавноста за неговата вмешаност во тендерот, а особено за навредливиот и расистички говор со којшто се користи во разговорот што може да се слушне од аудио снимката.

Василевска: Заев докажа дека Рашковски работел за негови цели

Зоран  Заев денеска  наместо да го повика на одговорност, го заштити Драги Рашковски. Заев  денеска докажа дека Драги Рашковски работел по негови инструкции и за негови цели, вели Иванка Василевска, член на Извршниот комитет на ВМРО ДПМНЕ.

„Дека Зоран  Заев е директно одговорен за сомнителниот тендер од 7 милиони евра за набавка на АТМ  системот за  потребите на М-НАВ кажа и самиот Драги Рашковски вчера, кој посочи дека настапувал по овластување токму на Зоран  Заев. Колега  Драги Рашковски дали  сте само извршител  на  Зоран Заев  кој е  лицето кај кого треба  да легнат парите од 7 милионската аванта? Охрабрете се и не го штитете човекот кој бесрамно ја лаже македонската јавност со години наназад“, вели Василевска.

Таа побара Јавното обвинителство да ги испита аудио снимката од состанокот на Рашковски со претставниците на италијанската компанија.

„Оттука уште еднаш го повикуваме Јавното обвинителство да преземе мерки и да побара притвор, како за Рашковски, така и да го повика на разговори токму господинот Зоран  Заев. Или пак не смее затоа што тие се луѓето на кои им реферираат, дали ВМРО-ДПМНЕ  поднело или не некој поднесок“, рече Василевска.