Заев не планира лидерска за одложување на пописот, од Комисијата за заразни засега не сака да пресече за април

Лидерска средба за одложување на пописот барем засега не е на повидок, а партиите од власта и од опозицијата секоја со своја математика кога е најдобро да се преброи населението.

По изјавата на шефот на државата Стево Пендаровски дека би можело пописот да се одложи за месец или два, односно за мај или за јуни, за сепак пребројувањето да добие консензуална поддршка, премиерот Зоран Заев не ја исклучи таа опција, владиниот партнер ДУИ смета дека пописот не треба да се одложи, додека лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски и денеска повтори дека попис треба да има, ама догодина напролет.

Заводот за статистика, пак, интензивно се подготвува за пребројување од 1 до 21 април, а рокот би се пролонгирал само доколку партиите се договорат за нов термин за попис и доколку Собранието изгласа нов закон.

Висок функционер од Владата за Плусинфо вели дека премиерот нема намера да предложи лидерска за одложување на пописот, ниту обид за средба со опозицискиот лидер, бидејќи Мицкоски веќе јавно го отфрлил предлогот на претседателот Пендаровски.

Дали за евентуалното одложување на пописот ќе пресече Комисијата за заразни болести, допрва ќе се знае.

Од Комисијата велат дека е рано да излезат со мислење дали епидемиолошката состојба ќе овозможи пописот да се спроведе од 1 до 21 април. Предвид треба да се земе бројот на заразени луѓе со ковид-19, бројот на починати, на хоспитализирани, како и слободните капацитети во болниците за згрижување на ковид пациентите. Оттаму велат дека исто како за парламентарните избори, откако ќе добијат барање да излезат со мислење, ќе ја разгледаат епидемиолошката состојба во земјава и ќе го дадат своето мислење.

Од СДСМ велат дека доколку здравствената состојба се влоши и Комисијата препорача одложување на пописот, пратениците ќе ја послушаат препораката на здравствените работници.

Според ДУИ, одложување на пописот не треба да има бидејќи во спротивно ќе треба нов политички договор. ДУИ во моментов не гледа оправдани причини за одложување на статистичката операција.

Мицкоски останува на ставот дека пописот треба да се одложи за идната година.

– Попис треба да има пролетта во 2022 година, во март или април. До тогаш ќе имаме фингер принт терминали кои веќе ќе бидат искористени на локалните избори. Доколку сега сакаат, имаат можност да направат електронски попис со точност од 5 отсто, односно да попишат 95 отсто од населението, а само 5 отсто да го посетат – рече Мицкоски.