Очекувам од вицепремиерот Љупчо Николовски да даде предлог за разрешување на директорот на Пазарниот инспекторат Стојко Пауновски, изјави во петокот премиерот Зоран Заев, откако претходно директорот на Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) Стојко Пауновски порача дека одбива да потпише решенија за вработување на 35 лица од државната администрација распоредени според етничкиот принцип.
„Секој ден да водите полемики со потпретседателот на Владата, со претседателот на Владата, е пркос кој не е дозволен. Хиерархијата треба да се почитува, таа е поставена и треба да функционира. Се работи за мој исклучително добар пријател, но кажувам што е принцип“, рече Заев.
Премиерот смета дека тоа што Пауновски си дозволил јавно да дава вакви коментари, понижувајќи ги, како што рече, своите претпоставени, е доволна основа за негово разрешување и очекува службите да отворат постапка.
За разлика од ден претходно, кога Заев само ги повика директорите на сите институции, кои треба да ги примат прераспределените административци според Рамковен договор од 2001 а се однесува првенството на припадниците на албанската заедница, да го сторат тоа без отпор, премиреот денеска беше многу подиректен во заканите.
Пауновски вчера рече дека нема да попушти и дека овие лица, кои немаат соодветно образование, а бираат канцеларска а не теренска работа, нема да ги вработи. Администрацијата, според него треба да биде силна институција, а не партиски орган за вработување.
Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците предводено од првиот вицепремиер, Артан Груби, на ДПИ каде што веќе 40 отсто од вработените се Албанци му додели 35 „рамковни“ од кои само 12 кои имаат соодветно образование, и инсистират да работат само во три општини во западниот дел од Македонија.