![1 (1) (1)[19164]](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2018/05/1-1-119164.jpg?resize=640%2C426&ssl=1)
Штом двете страни стигнаа до оваа фаза покажуваат сериозност кон проблемот и очекувам дека ќе има брзо решение, изјави денеска во Дојран премиерот Зоран Заев, коментирајќи ја вчерашната средба меѓу министрите за надворешни работи на Македонија и Грција, Никола Димитров и Никос Коѕијас во Солун.
Вчера разговарав со министерот Димитров, и направен е напредок во креативноста на изнаоѓање на решенијата, за она коешто за нас е важно да може да помине, вклучувајќи го достоинството и идентитетот, но и за грчката страна исто така можност да помине достоинството и идентитетот. Секако тоа се само идеи на маса за кои што продолжуваме да размислуваме. Димитров ги пренесе кај мене, веројатно министерот Коѕијас ќе ги пренесе кај премиерот Ципрас, за да можеме понатаму веќе да ги договориме следните средби, рече Заев.
Според него, кон крајот на идната седмица најверојатно пак ќе има средба по која ќе се види како ќе се одвиваат работите.
Целта е, кога веќе сме дојдени на крајот, кога има критики, ајде да ги добиеме и позитивните поени со можното решение. Притоа важно е да не бидеме обесчестени и понижени, како впрочем и грчката страна. Убеден сум дека кога веќе стигнавме до овде, двете страни имаат искрена вистинска намера за решение, рече премиерот.