Премиерот Зоран Заев ја потврди информацијата на Плусинфо дека за СДСМ е неприфатлива Резолуцијата поднесена од ВМРО-ДПМНЕ за црвените линии во преговорите со Бугарија ако таа не е усогласена со Уставот во однос на уставното име.
– Во Резолуцијата треба да стои Северна Македонија и тоа е Устав тоа не е дали ние сакаме, некој не сака или ние не сакаме, па друг сака – изјави Заев на новинарско прашање.
Премиерот нагласи и дека името е Република Северна Македонија, а не Република С. Македонија.
– Во нашиот Устав не пишува дека ние сме Република С. Македонија, ние сме Република Северна Македонија. Граѓаните за тоа прашање се изјаснија на Референдум и согласно Уставот 2/3. Парламентот во една дискусија од 130 дена три пати гласајќи ја донесе одлуката за ново уставно име, со тоа што на името Република Македонија се додаде зборчето Северна и тоа е дел од Преспанската спогодба што е закон веќе, а истовремено и дел од нашиот Устав. Така што очекувам да се почитува Уставот од страна на сите коишто се должни да го почитуваат.
Премиерот додаде и дека Законот предвидува казни за непочитувачите на Уставот.
– Според мене непочитувачите на Уставот, ако се граѓаните имаат реперкусии, затоа што Законот предвидува што е казниво и што не е казниво, а политичките партии не е во ред да останат неказнети, односно да не сносат последици – рече премиерот.