Заев пред ЕП: Ќе бидеме Република Северна Македонија, со признаен народ и јазик

Премиерот Зоран Заев во обраќање пред пратениците во Европскиот Парламент истакна дека Македонија е исправена пред одлука што не е лесна, но се работи за најдобрата шанса што земјата ја добила досега.

„Ќе бидеме Република Северна Македонија, со признаен македонски народ и јазик. Ова е најдобрата шанса што нашата земја ја добила досега. Нема да ја пропуштиме шансата, зашто таа е нашиот билет за ЕУ и НАТО. Перспективата за членство во ЕУ е движечка сила за успешно справување со предизвиците и исполнувањето на реформите“, рече Заев во обраќањето.

 

 

Говорејќи за стандардите на ЕУ, премиерот посочи дека Македонија е подготвена да ги испорача и дека нема да се откаже од визиите за подобра иднина. Токму таа верба, како што рече Заев, била мотив за да се склучат договорите со Грција и Бугарија.

„Вербата во европската иднина беше клучен мотив за договорите со Грција и Бугарија, горди сме на постигнатото. Ние секојднево го живееме европското мото – обединети во различностите. Политичката криза низ која поминавме беше борба за либералните вредности. Нашите граѓани го направија изборот. Сакаме да бидеме инспирација за решавање на сите отворени прашања на Западен Балкан. Веруваме дека имаме добар достоинствен договор. Договорот од Преспа е одличен модел за решавање чувствителни прашања и може да се употреби во други делови од светот. На граѓаните е да одлучат дали ќе го премостат прагот на иднината“, истакна Заев.

Во таа насока, премиерот изрази надеж дека референдумот ќе биде успешен, а Македонија ќе стане 30 членка на НАТО и ќе ги затвори поглавјата за членството во Унијата.

Заев истакна дека за првпат на македонски премиер му е дадена шанса да зборува на македонски јазик.