Заев: СЈО ќе се интегрира во ЈО обвинителство за организиран криминал на чело со Рускоска

Идната недела Владата до Собранието ќе предложи нов текст за закон за јавно обвинителство кој ќе биде разгледан низ демократска дебата. Овој предлог ќе им биде доставен на сите партии и Владата очекува наскоро да биде прифатен.

– Сметам дека предлогот ќе биде прифатлив за најголем дел од пратениците. Според овој предлог, СЈО како структура се интегрира во досегашното Јавно обвинителство за организиран криминал и ќе се вика Јавно обвинителство за организиран криминал и висока корупција, а ќе има надлежност врз цела територија на Македонија. Тоа ќе работи во хиерархија и субординација со државното обвинителство. Ова обвинителство ќе го води Вилма Рускоска, а сите обвинители во СЈО ќе продолжат да работат во новото – рече премиерот Зоран Заев на прес конференција.

„Не се создадоа услови за лидерска средба. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, без никаков аргумент и разумно објаснување ја одби мојата покана, рече на денешната прес-конференција премиерот Зоран Заев. Според него, Мицкоски повторно ги ставил партиските над државните интереси.

– Со месеци се обидуваме да постигнеме согласност за законот за јавно обвинителство со цел случаите кои ги води СЈО до крај да се расчистат во фер и судска постапка. Но, очигледно Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ, персонализирајќи го целиот процес и поставувајќи максималистички барања, не сакаат решение, туку сакаат да го срушат интегритетот на државата. Тие очигледно не ие искрени во намерата да учествуваат во овој процес. Не се заинтересирани за европската иднина на земјата и за расчистување со криминалот – рече Заев.