Претседателот на СДСМ Зоран Заев во вечерашното гостувањето на Телевизија Телма одговорајќи на прашање позврзано со постизборното коалицирање, нагласи дека СДСМ има најголем потенцијал за коалицирање, заради вредностите коишто ги негува и споделува.
„Нашата Коалиција е најголема и во неа сме обединети сите, од сите етнички заедници. Гаранцијата за успех лежи во нас. Овие другите се закануваат дека ќе уништат се. Отидоа и до поништување на Охридскиот рамковен договор од 2001 година, Преспанскиот договор, Договор со Бугарија, ги загрозуваат евроинтегративните процеси. Заради здравјето на државата ќе ги поразиме сите национализми на овие избори. Национализмите немаат иднина, тоа е лажен патриотизам. Тоа време заврши. Мицкоски ветува редефинирање на Уставот, да прави повторно чиста Македонија. Каде води тоа. Мораме да ја демократизираме државата, европските вредности ги сакаат луѓето. Сакаат правосудство, сакаат здравство“, рече Заев.
Во однос на досегашниот коалициски партнер, претседателот Заев нагласи дека е здраво и за државата и за ДУИ да оди во опозицијата, откако 17 години беше на власт.
„Доаѓа време кога треба да работиме дома многу, на економија, на правосудство, на здравство и мислам дека би било полесно, ако ДУИ се во опозиција. Со ДУИ донесовме историски одлуки, се завршија важни процеси, ја дигнавме економијата, но имаше и слабости. Особено во делот на транспарентноста и отчетноста. Немам предрасуди за етничката припадност за кој било кандидат, за која било функција, но ДУИ не одлучува за оваа работа. Уцени не прифаќаме никако“, додаде Заев.
Оцени дека програмата на СДСМ и на Коалицијата „Можеме“ е реална и остварлива и нагласи дека за само две и пол години СДСМ успеа да ја подигне економијата за 5,4 проценти, да пораснат платите, пензиите, стопанството да биде помогнато. Заев нагласи дека граѓаните ценат дека за толку кусо време се донесени вистински и храбри одлуки, нашиот евроинтеграциски пат е отворен и тоа е гаранција дека економски развој и напредок е можен.