Заев треба да го „фати за уши“ дезертерот Љупчо кој среде пандемија отиде во Дубаи и да му рече напиши си оставка

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, вечерва во „Што не е јасно“, во Алфа телевизија, во врска со терањето одмор на дел од функционерите на власт, истакна дека тој да би бил на местото на премиерот Зоран Заев, би „ги фатил за уши“ за да си напишат неотповиклива оставка и да ја напуштат Владата, затоа што однесувањето е дезертерско заради тоа што општеството ни е во војна.

„Ова е навистина еден циркус, една естрада на погрешни ставови и погрешни позиции кои треба да се срамат од нивното однесување, затоа што гледаме како дезертираат во услови на пандемија одредени владини функционери, вториот и третиот човек на Владата дезертираат во ек на пандемија, кога луѓе ги губат животите еден се сонча на Канкун, другиот оди во Дубаи и потоа оправдувањата се дека многу работел и дека му требало три дена да посвети на сопругата“, рече Мицкоски.

„Лично, јас да бев на местото на Заев ќе го ‘фатев за уши’ и ќе му речев да ја напише оставката неотповиклива и напушти ја Владата, јас така би изреагирал и со едниот и со другиот , бидејќи тие дезертираат во сред војна“, посочи Мицкоски.

Додаде и дека власта не е свесна оти општеството е во војна со невидлив непријател, не изгледа дека тоа не им е доволно јасно функцинерите на власт дека нема простор за сончање, колку и да се ефтини хотелите во Канкун.