Премиерот Зоран Заев денеска беше запрашан за вчерашното реплицирање на министерката за надворешни работи на Бугарија, Екатерина Захариева, како и тоа дали државата има „план Б“ за влез во ЕУ, како и за влез во Европската екномска зона.
– Ние дома продолжуваме по европскиот пат и нема да застанеме. Дел од овие наши активности се „акција 21“, односно десетте приоритети кои не се поврзани со поглавјата и со кои можеме да почнеме од самиот почеток на годината. Разговорите со Бугарија продолжуваат до изнаоѓање на решение и се надевам дека во првата половина од 2021 ќе можеме да изнадеме решение за да продолжиме во формалностите, прво во одржување на првата меѓувладина конференција и секако она што претставува отварање и затворање на поглавјата – рече Заев.
Тој потенцираше дека нема алтернатива за членството во ЕУ, па како и претседателот Пендаровски, така и тој јавно размислуваме не ни требаат алтернативни решенија за членство во Европската унија.
– Земјата заслужува како никој досега од земјите-канидати да биде членка на ЕУ. Затоа што реформите се исполнети, покажавме европски примери, одржавме европски лекции. Навистина европското однесување дома и со соседите, па и со целата Европска унија не прават вистински кандидат и на кој треба ЕУ да му се посвети – изјави премиерот.