Пред почетокот на средбата на шефови на држави и влади, премиерот Заев има билатерални средби. Досега, претседателот на Владата на Македонија се сретна со претседателите на владите на Република Србија, Ана Брнабиќ и на Република Албанија, Еди Рама.
Премиерите на Македонија и на Албанија, Заев и Рама оценија дека добрососедските односи меѓу двете земји се во насока на стабилен и безбеден регион со евро-атлантски перспективи.
Двајцата премиери изразија определеност кон конструктивни политики што се во интерес на граѓаните на двете земји, наспроти деструктивниот национализам којшто дели и оди на штета на граѓаните.
Премиерот Рама најави поддршка на Пустец со инвестиции, што ќе придонесат за развој на оваа општина во којашто живеат граѓани од Македонија. Премиерот Заев го објасни концептот Едно општество за сите, зад којшто стои новата реформска Влада на Македонија и којшто обезбедува квалитетен живот и правда за сите граѓани.
На средбата се разговараше за можностите за размена на искуства во областа на правосудството, како и продлабочување на соработката во економијата, бизнисот и странските инвестиции, како и земјоделството и инфраструктурата.
Премиерите на Македонија и Србија, Заев и Брнабиќ констатираа дека постојат услови за продлабочување на односите меѓу двете држави, како и дека тоа ќе биде силна порака кон ЕУ, за европска интеграција на земјите од Западен Балкан коишто припаѓаат на Унијата.
Има заедничка согласност дека на граѓаните на Македонија и на Србија им е неопходен економски развој и дека тој е можен само преку вистинска регионална соработка.
Во таа насока се разговараше за околу поддршката во државите на старт ап центри коишто отвораат можност за нови работни места. Се зборуваше и за регионално поврзување на младите, како и за размена на искуства во дигиталната ИТ технологија. Со тоа, премиерите Заев и Брнабиќ оценија дека може се придонесе кон интересот што го имаат и двете држави, да го спречат одлевањето млади, квалитетни луѓе во странство и мотивација на оние кои заминале, да се вратат.
Премиерите на Македонија и на Србија, придружувани од министрите за надворешни работи, Никола Димитров и Ивица Дачиќ изразија согласност сите отворени прашања на двете пријателски земји да се решаваат низ конструктивна соработка и дијалог.