Загина Лесли Џордан, ѕвездата од серијата „Вил и Грејс“

Американскиот актер и комичар Лесли Џордан почина на 67-годишна возраст, потврди неговиот агент.

Актерот, познат по улогите во сериите „Вил и Грејс“ и „Американска хорор приказна“, загина во сообраќајна несреќа во Лос Анџелес во понеделникот наутро, на 24 октомври, објавија американските медиуми.

Неговиот автомобил удрил во една зграда, а лекарите констатирале смрт на местото на настанот, изјави полицијата за Лос Анџелес Тајмс.

Со неговото заминување, светот стана „помрачно место“, рече неговиот публицист.

-Не само што беше мегаталентиран и задоволство беше да се работи со него, туку и обезбеди емотивно засолниште за нацијата во некои од нејзините најтешки моменти. Знаејќи дека го напушти светот на врвот на неговиот професионален и личен живот е единствената утеха што можеме да ја имаме денес, изјави Дејвид Шаул.

Џордан е роден во 1955 година во Чатануга, Тенеси. Имал 12 години кога и кажал на мајка си дека е хомосексуалец.  Кога дипломирал на Универзитетот во Тенеси во 1982 година, се преселил во Лос Анџелес.