Загина осум годишно дете од Доброште

Трагедија зави семејство од Доброште во црно откако во несреќен случај вчера животот го загуби 8 годишно девојче.

Случајот вчера во 23 часот го пријавил во полицијата нејзиниот татко, 46 годишниот Б.Б.

Имено, според информациите од полицијата, таткото и ќерката вчера околу 15 часот заминале во близина на селото да соберат дрва со возило „махиндра“. Девојчето останало во возилото додека Б.Б. ги собирал дрвата.

Во еден момент возилото се придвижило наназад, а девојчето кога го забележало тоа ја отворило вратата и скокнало, удирајќи се во камен во пределот на главата.

Таткото ја кренал и тргнал пеш кон селото за да ја однесе на лекар, но бил пресретнат од сосед со возило со кој заедно тргнале кон Доброште.

По пат забележале дека девојчето им подлегнало на повредите, па одлучиле да ја однесат во семејната куќа.

По пријава на случајот и со полициска асистенција телото на девојчето било однесено на обдукција.