Загубата на „Boeing“ во третиот квартал нарасна на шест милијарди

Американскиот производител на авиони „Boeing“ објави во средата дека во третиот квартал работел со загуба од над шест милијарди долари, со повеќекратни загуби во поделбите на комерцијални авиони, воена и вселенска опрема.

Приходите на американскиот авијациски гигант во периодот од јули до септември изнесуваат 17,84 милијарди долари и се помали за еден процент во однос на истиот период лани.

Компанијата го затвори третиот квартал со нето загуба од 6,17 милијарди долари, речиси четири пати поголема од минатото лето. Во пролетниот квартал изнесуваше 1,44 милијарди долари, а во првите три месеци од годинава 355 милиони долари.

Од почетокот на годината, „Boeing“ акумулираше загуби од речиси осум милијарди долари, заедно со прекинот на производството на авионите од моделите „737 MAX“, „777“ и „767“, штрајк на работниците и проблеми во сегментот на производство на оружје и вселеска опрема.

Во делот на бизнисот со комерцијални авиони, оперативната загуба пораснала во третиот квартал на четири милијарди долари и била речиси шест пати поголема отколку во истиот период во 2023 година.

Сегментот воена опрема, вселена и безбедност работел со оперативна загуба од 2,38 милијарди долари, два ипол пати поголема од лани.

Новиот извршен директор Кели Ортберг најави во средата свртување, нагласувајќи во писмо до вработените дека треба да ги подобрат перформансите во сегментот на воена опрема и програмите за модели на авионите „737 MAX“ и „777“ и да ја стабилизираат компанијата која се најде на крстопат по серијата на инциденти од почетокот на годината.

А инцидентите уследија по двете катастрофи на моделот „737 MAX“ во 2019 година, во кои загинаа вкупно 346 луѓе.