Францускиот државниот секретар за туризам, Жан-Баптист Лемуан, во интервју за „Журнал ди Диманш”, вели дека загубите во тој сектор се движат од 30 до 40 милијарди евра, поради „непосредното влијание” на здравствената криза, јави дописникот на МИА.
-Во нормални времиња, туризмот генерира приход од 180 милијарди евра, од кои 60 милијарди доаѓа од меѓународниот туризам. Непосредното влијание на епидемијата е најмалку 30 до 40 милијарди евра, рече државниот секретар.
– Многу туроператори ни кажуваат дека нивниот промет ќе се намали од 20 до 25 отсто на крајот на годината, додава тој.
И покрај катастрофалните бројки, Жан-Баптист Лемуан сепак забележува дека „Французите учествуваат масовно во заживување на туристичкиот сектор со тоа што ја фаворизираат Франција”.
Тој посочува дека 70 отсто од оние што заминале на одмор ја избрале Франција.
– Но, да бидеме јасни: во нормални времиња, Франција пречекува 17 милиони странски туристи секое лето кога девет милиони Французи одат во странство и дел од оваа меѓународна клиентела исчезна, нагласи тој.
На меѓународно ниво, Светската организација за туризам регистрира огромна загуба од 320 милијарди долари за туризмот. Помеѓу јануари и мај, бројот на меѓународни посетители опадна за 56 отсто во текот на една година, забележува Организацијата, која стравува од загуба од 100 до 120 милиони директни работни места.