Министерката за надворешни работи на Бугарија, Екатерина Захариева, денеска гостуваше во емисијата „Уште од денот“, на бугарскиот јавен сервис, каде меѓу другото, се осврна и на работата на заедничката Комисија на Софија и Скопје, составена од експерти и историчари. Таа потврди дека прашањето за цар Самоил е затворено.
Секако дека имаме заложби кон историјата и кон тоа да се признае историјата каква што била. Голем напредок е што во Комисијата се согласиле за цар Самуил. Знаете, тие велеа дека тоа е нивен цар – Самоил, со „о“. Она што е многу важно е Комисијата да продолжи да работи со побрзо темпо. Во крајна сметка, многу години ништо не се правеше по ова прашање. Сега членовите се состануваат често, а и самата имав средба со нашиот состав во Комисијата и ми дадоа отчет за она што го завршиле до моментов, вели ЗАхариева.
Запрашана дали Гоце Делчев е Бугарин или Македонец таа одговори:
Тој сам си има кажано кој бил и тоа е нашиот аргумент. Не зборуваме за историја од пред 1000 години, период за кој нема пишани траги. Сега имаме писма, автобиографии на дел од овие заеднички луѓе и тие си имаат кажано кои биле и треба да престанеме да претпоставуваме и спориме кои биле овие луѓе и мислам дека прашањето е затворено од страна на Бугарија.
Министерката Захариева порача дека политичарите во практика започнале да ги чествуваат заедничките датуми и настани од историјата.
Ги разменивме учебниците и ги разменивме белешките за учебниците по историја на двете држави, а она што според мене итно треба да се случи е обединување околу заедничките датуми и настани, кои сакаме да ги чествуваме секоја година. Политичарите во практика тоа започнаа да го прават. Се сеќаваме дека тука беше македонскиот премиер, се поклони и постави венец пред споменикот на цар Самуил во Софија. Нашиот премиер беше таму, на гробот на Гоце Делчев. За Илинденско-преображенското востание, македоскиот премиер беше тука, во Благоевград, заклучи Захариева.