Захариева: Како што ние ја препознавме современата реалност, така и тие мора да ја препознаат историската

Обидот да се создаде претстава за Бугарија, која за жал трае веќе подолго време, со многу агресивен јазик кон Бугарија, може да добие некои краткорочни политички дивиденди, но на долг рок тоа е штетно за граѓаните на Северна Македонија.

Ова за бугарска „Нова ТВ“ го изјави вицепремиерот и министер за надворешни работи на Бугарија – Екатерина Захариева.

Вицепремиерката посочи дека разговорот со нејзиниот колега Бујар Османи, кој вчера беше во посета на Софија, бил искрен и важен.

„Нема ништо потрајно од географијата – ќе бидеме соседи пред и по историјата“, рече Захариева и истакна дека „најштетно за една земја е постојано да се враќа назад во минатото“.

„Нема начин да се изгради просперитетна држава кога вашата идеологија е секогаш против нешто“, рече вицепремиерката.

„Како што ние ја препознавме современата реалност, така и тие мора да ја препознаат историската. Ако не го сториме ова, 30 години ќе се навраќаме на ваквите спорови. Граѓаните сакаат да бидат заедно, нема ништо поприродно да се биде најблиску до Република Северна Македонија, додаде Захариева.