Москва во неделата му возврати на францускиот претседател Емануел Макрон на неговата изјава дека сака да ја види Русија поразена во војната со Украина, да се потсети на судбината на францускиот император Наполеон Бонапарта и неговиот катастрофален обид да ја покори руската земја, и го обвини за дволична дипломатија во контактите со Кремљ.
Макрон во интервјуто за неделникот „Le Journal du Dimanche“ објавено во неделата потенцира дека Франција сака Русија да биде поразена во војната со Украина, но никогаш не сакала да ја „распадне“ земјата.
Според него, Франција никогаш не сакала распад на Русија и „никогаш нема да поддржи таква позиција, за разлика од голем број источноевропски држави. Макрон, исто така, ја истакна и воената поддршка на Франција за Украина, и дополни дека тој е „убеден дека конфликтот нема да заврши воено“.
Захарова, во објава на „Telegram“, пак, оцени дека снабдувајќи ја Украина со оружје во атмосферата за недозволивоста на воена победа на Русија во украинската војна, Франција недвосмислено посакува пораз на руската страна.
„Испораките на оружје во заднината на изјавите за недозволивоста Русија да победи, не остава никаков друг логичен заклучок, освен дека тие сакаат да бидеме поразени. Го посакуваат тоа“, напиша Захарова.
Таа додава дека Франција не започнува со Макрон, а посмртните останки на Наполеон, почитувани на државно ниво, почиваат во центарот на Париз, па дополнува „така и Франција и Русија треба да разберат сѐ“.
„Франција е членка на НАТО. Алијансата во сите документи ја означува Русија како противник. Париз, можеби се спротиставува, но не можел ништо да стори и се солидаризираше со тоа“, додава Захарова.
Во објавата ја коментира и изјавата на Макрон на Минхенската безбедноста конференција за промена на власта во Русија, додека постојано барал средби со руските челници.
„Тој отворено призна дека сиве овие години Западот не само што се мешал во внатрешните работи на Русија, туку се обидувал и да ја смени власта… Односно, бескрајно се наложувале како соговорници на руското водство, знаејќи дека ќе биде покрената неуставна промена на власта. Шарман! (интересно, на француски), како што велат“, додава Захарова.
Минатиот петок Макрон ги повика западните сојузници да ја засилат воената поддршка за Украина, но исто така рече дека не верува во промена на власта во Москва и дека во одреден момент ќе мора да има преговори.
„Да бидеме јасни, јас не верувам ниту една секунда во промена на режимот, и кога слушам многу луѓе кои повикуваат на промена на режимот, ги прашувам: ‘За која промена? Кој е следниот? Кој е лидер на кој преферирате?’“.
Појаснувајќи ги тие коментари, Макрон во интервјуто во неделата вели дека „не верува оти во Русија ќе се појави демократско решение од граѓанското општество по долгогодишно заострување на позицијата и конфликтот на Москва“. Додава дека не гледа алтернатива за претседателот Владимир Путин, кој мора да биде вратен на преговарачка маса. „Сите опции освен Владимир Путин во сегашниот систем ми изгледаат полоши“, оценува Макрон.