Захарова: Со продолжување на санкциите против Русија, ЕУ се става во ќорсокак

Колку повеќе ја следи својата политика на санкции против Русија, Европската Унија сѐ повеќе самата се турка во ќор-сокак, кажа портпаролката на руското министерство за надворешни работи Марија Захарова.

„Ние овој чекор го оценуваме како уште една пропуштена шанса за излез од ќор-сокакот во кој се турна ЕУ со поврзувањето на иднината на односите со нашата земја со ситуацијата во Украина. Проблемот со рестриктивните мерки директно произлегува од апсолутно деструктивната политика која ја избраа бриселските дипломати и европските структури, и форсирањето обвинувачки тон кон нашата земја“, кажа Захарова.

Портпаролката на руската дипломатија укажа дека ЕУ, наместо да го прифати предлогот на Русија да побараат заеднички решенија, претпочита да ја следи политиката која и досега водела кон продолжување рестриктивни механизми против Русија и воведување на нови, пренесува ТАСС.

Русија ургира ЕУ да ги напушти таквите методи како спротивставени на нормите и духот на меѓународното право, истакна Захарова.

ЕУ санкциите против руски и украински државјани и правни ентитети, воведени во 2014 година, ги продолжи за шест месеци, до 15 март 2021 година.