Портпаролката на Министерството за надворешни работи на Русија, Марија Захарова изјави дека Русија нема да ја изгуби контролата над нуклеарната централа.
„Нуклеарната централа се наоѓа на руска територија и Русија целосно управува со неа. Само ние можеме да обезбедиме физичка и нуклеарна безбедност на нуклеарната централа Запорожје“, рече таа, пренесува Спутник.
„Не доаѓа предвид нуклеарната централа Запорожје да дојде под контрола на друга земја или трета страна да ја преземе контролата над неа. Ги координираме можните параметри од декларацијата за создавање зона за нуклеарна заштита и физичка безбедност на нуклеарната централа со Секретаријатот на МААЕ, кој се обидува да соработува со Украина“, додаде таа.
Захарова изјави дека станува збор и за тоа дали Киев е подготвен да преземе обврска да го запре гранатирањето и да ги запре обидите за преземање на нуклеарната централа Запорожје.
Претходно директорот на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) Рафаел Гроси изјави дека експертите се блиску до прифатлив договор меѓу Украина и Русија за воспоставување безбедносна зона околу нуклеарната централа Запорожје. Захарова, коментирајќи ја таа изјава, изјави дека нема директни преговори меѓу Русија и Украина за прашањето за безбедносната зона на нуклеарната централа.
Истакна дека Москва е свесна оти директорот на МААЕ, Гроси сака повторно да ја посети Русија, дека МНР на Русија е подготвено да го прими, но засега нема информации за датумот на посетата.