Портпаролката на руското министерство за надворешни работи Марија Захарова реагираше на изјавата на српскиот министер за стопанство Раде Баста дека постои можност Србија да ѝ воведе санкции на Русија.
Ова е досега прво отворено определување за санкции на еден владин функционер од почетокот на конфликтот во Украина и се разликува од официјалниот став на Белград.
„Србија веќе плаќа висока цена поради невоведувањето санкции против Русија и тоа станува неиздржливо“, кажа српскиот министер. Изјавата на Баста предизвика оградување на партијата Единствена Србија, од чија коалициска листа влезе во владата на Ана Брнабиќ, и барања на коалициските партнери да поднесе оставка.
„Српскиот министер за стопанство Раде Баста има некое чудно размислување кога кажува дека Србија треба да ѝ воведе санкции на Русија“, напиша Захарова на Телеграм.
Портпаролката на руското министерство додаде дека Русија, за разлика од Соединетите Американски Држави, отсекогаш ја почитувала Србија и нејзиниот народ. „Очигледно дека со воведувањето санкции на Русија притисокот на САД на Србија нема да исчезне, туку само ќе се зголеми“, напиша Захарова.