Заканите на американскиот претседател Доналд Трамп дека може целосно да ја разруши Северна Кореја се голем подарок за Ким Јонг-Ун. Дури и според недипломатските стандарди на Трамп, неговиот говор пред Генералното собрание на Обединетите нации беше особено невнимателен. Предизвикувајќи кај некои во публиката дури и воздишки, Трамп се закани со „целосно разрушување“ на Северна Кореја, ако таа земја продолжи со заканите, и го нарече нејзиниот лидер Ким Јонг-Ун „човек ракета“.
Во тоа јавно оживување на „Оската на злото“, по теркот на својот претходник Џорџ Буш, новиот претседател на САД рече дека „ако доброто мнозинство не му се спротистави на лошото малцинство, тогаш злото ќе триумфира“, пишува британскиот политички магазин „New Statesman“, пренесува НетПрес.
Зборовите на Трамп, за Северна Кореја, едноставно претставуваат силен аргумент за дополнително оправдување за нејзината нуклеарна програма. Иако режимот вообичаено се одредува како полуден (а, во некои односи тој тоа и е), неговата нуклеарна програма лежи врз рационални основи. За Ким Јонг-Ун поуката од падот на Садам Хусеин и Моамер Гадафи е дека тираните ја плаќаат цената со предавањето на оружјето. Постојаните закани од САД ги зајакнуваат внатрешните позиции на режимот и му го засилуваат неговиот „осакатен“ карактер. Иако Северна Кореја треба да биде спречена да преземе превентивен удар, исто така земјата треба да добие стимулации за да тргне по поинаков, различен пат.
Минатиот месец Државниот секретар на САД, Рекс Тилерсон, напомена:
Не сакаме смена на режимот, не сакаме уривање на режимот, не сакаме избрзано обединување на (Корејскиот) полуостров, не сакаме изговори за да испратиме војски северно од 38-та паралела. Ние не сме нејзин непријател, но Северна Кореја претставува неприфатлива закана за нас и ние треба да одговориме. Се надеваме дека, по некое време, таа ќе почне да сфаќа дека сакаме да седнеме и да имаме дијалог со неа.
Тековната најниска точка, пак, ги рефлектира неуспесите од минатото. Во 1994 година, тогашниот претседател на САД, Бил Клинтон, со својата администрација успеа да ја убеди Северна Кореја да ја замрзне својата нуклеарна програма, а за возврат земјата доби економски и дипломатски отстапки. Беше соопштено дека ниту една од двете страни нема „непријателски намери“ една кон друга. Но, тој напредок беше анулиран од администрацијата на Буш, кој ја определни Северна Кореја како дел од „Оската на злото“ и откажа да ја продолжи комуникацијата. Потоа, шестстраните преговори (САД, Северна Кореја, Кина, Русија, Јужна Кореја и Јапонија), беа на сличен начин поткопани од САД. Администрацијата на Буш провокативно посочи дека има „сомнежи за перење на пари“ во банката „Делта Азија“ во Макао, во која Северна Кореја поседуваше десетици сметки. Кога беше постигната нова спогодба во 2007 година, поддржувачите на екстремната политика во Вашингтон посакаа Пјонгјанг да прифати инспекции во своите нуклеарни објекти, и тоа толку наметливо, што еден американски државен службеник ги спореди како „национален проктолошки преглед“.
За Северна Кореја, користа и ползата од поседувањето на нуклеарното оружје („Скапоцен меч за правда“, според зборовите на Ким Јонг-Ун), продолжуваат да се повеќебројни од недостатоците. Дури и засилените санкции на ООН (кои извозот на земјата ќе го намалат дури за една третина, а моментно изнесува 3 милијарди американски долари) нема да го сопрат Пјонгјанг на неговиот пат. Како што и самиот Тилерсон призна, дипломатијата успева таму, каде казните не успеваат.
Но, апокалиптичната реторика на Трамп едноставно ќе ја зајакне самоправедноста на Северна Кореја.