Закажувањето на изборите претставува пораз на неправдите и криминалот, смета Мицкоски

Резултатот од разговорите претставува пораз се арамилукот, неправдите и сите криминални афери коишто се случуваат во изминатиот период, изјави во неделата вечерта претседателот на опоизициската ВМРО-ДПМНЕ по лидерската средба која се одржуваше во претседателската резиденција „Вила Водно“.

Дискусијата на средбата кај шефот на државата Стево Пендаровски, Мицкоски ја оцени како „плодна и квалитетна дебата“, во чиј прв дел сите учесници ги повториле ставовите дека остануваат посветени на евроатланската интеграција на Македонија, членството во НАТО Алијансата и, се разбира, работењето во иднина за добивање датум за отпочнување на преговорите со ЕУ.-

Не постоеше дилема кај никој од учесниците и мислам дека друга алтернатива за Република Македонија и не постои практично и мислам дека тоа на новинарите им беше кажано од страна на претседателот на државата. Во вториот дел разговаравме за предвремените парламентарни избори коишто се неминовност после ова што се случуваше, а тоа е нели оној дебакал којшто го доживеа владата предводена од Зоран Заев и СДСМ, потенцираше Мицкоски.

Опозицискиот челник оцени што претставува причина за распишувањето на предвремените парламентарни избори, и уште еднаш изрази увереност во победа на опцијата која ја предводи неговата ВМРО-ДПМНЕ.

„Практично поразени се арамилукот, поразени се неправдите, поразени се сите оние криминални афери коишто се случуваат во изминатиот период. Следуваат предвремени парламентарни избори. На тие предвремени парламентарни избори победува обновата на Македонија, а потоа засукување на ракавите и бескомпромисна работа секој ден за да можеме да го постигнеме сето она коешто е изгубено во овој период и Македонија да ја ставиме на брза лента за да стане дел од европското семејство“, заклучи Мицкоски.