Измените на Законот за трансплантација поддржани во прво читање

Собранието попладнево го поддржа донесувањето на измените и дополнувањата на Законот за земање и пресадување делови од човечкото тело заради лекување, во прво читање, пренесува МИА.

Законот се дополнува со воведување можност за дарување органи помеѓу парови,  во делот кој се однесува на дефинирање на лицата кои може да даруваат органи, условите за избирање национален координатор и друго. Во изминатите три години во Македонија се извршени 92 трансплантации на органи. Македонија е на осмо место во регионот по бројот на пресадување бубрези.

Пратениците го усвоија и Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за превоз во патниот сообраќај во прво читање.

Заменик-министерот за транспорт и врски Неметула Халими образложи дека треба да се отпочне процедура за нов механизам кој ќе овозможи релевантна и веродостојна контрола на превозниците кои вршат меѓународен превоз на патници.

– Се дефинира дека во возилата кои вршат превоз мора да се наоѓа евидентен лист за превоз на патници, кој превозникот го води во три примероци за секој извршен меѓународен превоз на патници. Истото  го чува во рок од 24 месеци, задолжително еден примерок се остава во Царинската упарава на граничните премини на РМ. По барање на превозниците кои вршат превоз на работиници, се предвидува можност и олеснителни околности при добивање дозвола за посебен линиски превоз на патници при превезување сезонски работници, рече Халими.

Пратениците го донесоа по скратена постапка и Законот за туристичката дејност, поднесен од пратеници од Охрид, кои ги побараа измените за да им се излезе во пресрет на луѓето кои управуваат со чамци и ги услужуваат посетителите да ги разгледаат знаменитостите на туристичките места на Охридско, Преспанско и на Дојранско Езеро.

–  Се работи за туристичка понуда од мал обем која, за жал, досега не беше регулирана како туристичка дејност во рамките на овој закон, со што т.н. кајчари се соочуваа со проблеми во работењето. Тие сакаа да ги регулираат своите односи со држвата, но зашто не беа регулирани, тие беа неправедно казнувани или им се забрануваше дејноста. Предлагаме во делот од законот за воден сообраќај од мал обем да бидат опфатени кајчињата кои имаат максимален број на патници 12 и максимална јачина на моторите од 20 коњски сили, рече пратеникот Александар Николоски, додавајќи дека преку летото само во Охрид околу сто семејства егзистираат од превоз со кајчиња.

Во попладневниот дел од 57-мата собраниска седница беа донесени Законот за изменување и дополнување на Законот за персоналниот данок на доход; Законот за изменување и дополнување на Законот за јавните патишта; беше усвоен Извештајот за работата на Комисијата за хартии од вредност на РМ во 2014 година и беше донесен заклучок дека е неоправдано и нема потреба Барањето за давање автентично толкување на член 6 точка 9 од законот за постапување со бесправно изградени објекти, поднесено од градоначалникот на општина Охрид.