Предлог законот за амнестија којшто собраниското тело за помирување денеска го усогласи, попладнево ќе се најде на пленарна седница на парламентот и се очекува истиот да биде изгласан.
Телото за помирување денеска претпладне на средба во Собранието го утврди текстот на предлог законот, а потоа со потписи од 20 пратеници истиот беше доставен до собраниските служби.
Кратко потоа, претседателот на Собранието, Талат Џафери закажа пленарна седница за 16 часот со единствена точка на дневен ред – предлог законот за амнестија.
Предложено е законот да се донесе во скратена постапка. Се очекува веднаш откако ќе почне седницата, претседателот Џафери да даде пауза за предлог законот да биде разгледан на седница на Комисијата за политички систем, а потоа да се врати предлогот на седница.
Како што претходно објавивме согласно Предлогот, амнестијата не ги опфаќа организаторите и подготвувачите на настанот, лицата кои извршиле физичко насилство, кои носеле оружје и експлозивни направи, како и службените лица кои ги пречекориле службените овластувања.