Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за државјанството на Република Македонија, по скратена постапка е една од точките на дневниот ред на 47-та седница на Собранието.
Пратениците денеска пред усвојување на дневниот ред на 47-та седница, изгласаа покрај Законот за државјанството, како точки на дневен ред да бидат и Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за Собранието, по скратена постапка, поднесен од Талат Џафери, Јован Митрески, Арбер Адеми, Кастриот Реџепи, Сурија Рашиди. Џафери ја задолжи Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците како матично тело и Законодавно-правната комисија да расправаат по предлог-законот, а потоа да ги извести пратениците за рокот за поднесување амандмани.
Министерот за правда Бојан Маричик образложувајќи за потребата од донесувањето на законот за државјанство рече дека повеќе време се дискутирало за него и оти е изнајдено решение за опфат на определени лица кои низ годините се останати без државјанство од, како што рече, неоправдани причини.
– Законот ги дорегулира овие прашања и ќе овозможи во една забрзана постапка и без одлагање да се решат и овие мал број на граѓани кои се останати и да ги овозможат своите права, рече Маричиќ, додавајќи дека ова е во насока на определбата на Владата да нема лица без државјанство.
Пратеникот од Левица Димитар Апасиев во процедурална забелешка посочи дека во дописот од Влада, претставник е министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, а не министерот за правда Маричиќ.
– Ингеренциите на предлагачот не се тие и од тука бидејќи немаме предлагач, точката треба да се симне од дневен ред бидејќи не можете да ја гласате, рече Апасиев.
Според него, денеска бил направен инцидент и најави дека и допрва ќе следуваат инциденти. Посочи дека амандманите на Левица биле фрлени во корпа и додаде дека има прекршување на член 152.
-Она што вие го имате направено е службеничката архиварка да ве праша дали да прими, што е спротивно на закон, на секој постоечки закон, рече Апасиев. Укажа дека денеска во 14 часот е закажана Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците и додаде дека тие имаат поднесено 1.500 или 1.800 амандмани. Известени сме, како што рече, дека не се проследени. Побара таму да се прати обезбедување бидејќи, како што рече, Комисија нема да има.
По ова, претседателот на Парламентот Талат Џафери се обиде да ја смири ситуацијата и укажа дека се работи за законодавен дом и му порача на Апасиев да не се заканува од собраниската говорница.
Сурија Рашиди од АА процедурално забележа дека двајца пратеници гласале за Законот за државјанство, а поради технички причини два гласа на пратениците не биле регистрирани, и побара тие да се внесат, запишат дополнително.
Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски, пак, процедурално рече дека се брза за да се донесе нешто на „мала врата“ и се греши. И тој укажа дека Предлог- законот за изменување и дополнување на Законот за државјанството на Република Македонија, по скратена постапка, е предлог на Владата, а претставници се Оливер Спасосвки и други повереници, а никој од нив не го образложил законот. Повикувајќи се на Деловникот, образложение на закон треба да даде некој од напишаните претставници или повереници. Според него, министерот за правда Маричиќ бранел закон кој не е негов и побара да дојде претстваник и повереник, кој е пријавен од Влада дека треба да го брани законот или да се поништи гласањето.
Претседателот на Собранието Џафери рече дека се работи за техничка грешка од негова страна за тоа кој е предлагач на законот, го поништи претходното гласање и потребата од донесувањењето на овој закон ја образложи министерот за внтрешни работи Оливер Спасовски, кој рече дека се предлага Законот за државјанството да се донесе по скратена постапка, додавајќи дека е направена сериозна анализа и се за лица кои немаат државјанство за да се подобрат одредени услови при обезбедување на докази и на тој начин секој граѓанин да се стекне со државјанство.
По повторното гласање беше прифатен предлогот за Законот за државјанство да се раправа на оваа седница.
Законот првично беше инициран од Алијансата за Албанците и од Алтернатива, а сега пред пратениците беше поднесен од Владата со европско знаменце. Предлогот за измени и дополнувања на Законот за државјанство, поднесен од пратениците од Алијанса за Албанците и Алтернатива предвидуваше државјаните од поранешните југословенски републики, кои до независноста на 8 септември 1991 година живееле во Македонија, да можат да добијат македонско државјанство.
Првичниот предлог даден од Алијанса и Алтернатива содржеше можност луѓето од поранешните југословенски републики кои останале да живеат во земјава и по осамостојувањето, а се уште немаат државјанство тоа да го направат во присуство на тројца сведоци. На ова се спротивставија останатите партии во Собранието, поради што лидерот на Алијансата, Зијадин Села прифати државјанството да се докажува и со документи.
Сегашниот предлог текст предвидува 16 критериуми, односно докази и тој што бара државјанство треба да достави барем еден доказ. Станува збор за извод од матичната книга на родени, доказ за завршена учебна година (свидетелство, уверение или диплома), доказ за заснован работен однос со М1 /М2 образец, работничка книшка.
Може да се поднесе и доказ за платен данок согласно законските регулативи кои во тој период важеле во земјава и тука спаќаат повеќе документи, односно доказ за платен, данок од личен доход на работниците, данок од личен доход од вршење земјоделска дејност, данок од личен доход од самостојно вршење на стопанска и професионална дејност, данок од надоместок од авторски права, патенти и технички унапредувања, данок на приходи од имот и имотни права, данок на имот и данок на наследство и подарок. Шестиот критериум е одлуката на даночниот обврзник од страна на Управата за јавни приходи. Потоа следи доказ за платена сметка за следниве услуги: електрична енергија, греење, вода, телефонски услуги.
Други критериуми или докази кои може да се приложат се патна исправа (пасош) издадена од поранешната СФРЈ или од земјава, лична карта издадена од поранешната СФРЈ или државава, лична карта за странци, здравствена книшка, извештај, потврда, отпусно писмо или друг документ со кој се докажува извршено лекување во јавни здравствени установи во Северна Македонија, поседовен или имотен лист на име на барателот, штедна книшка за депонирање на заштеди во банка (правно лице) основана од Република Северна Македонија согласно закон, други докази издадени од надлежни државни органи со кои ќе се потврди постојаното живеалиште на територијата на земјава и сведителствата кои се издадени од 1991 до 1998 година за лицата родени од 1984 година до 1991 година.
Со измените се кратат и годините на престој во државата потребни за добивање државјанство од осум на седум.
По усвојувањето на дневнито ред, пратениците ја почнаа опшатата расправа за дополнетиот ребаланс на Буџетот за 2021 година, која е прва точка на дневниот ред на седницата. Како втора точка е Предлог- резолуцијата за утврдување на македонските државни позиции во контекст на блокадите на европските интеграции, која првично требаше да биде деветта точка.