
Шпанскиот закон со кој се легализира евтаназијата и медицинско потпомогнатото самоубиство стапи на сила во петокот, со што Шпанија стана четвртата европсак земја по Холандија, Белгија и Луксембург, која им дозволува на луѓето во одредени околности да го завршат својот живот.
Меѓутоа, полната примена на законот најверојатно ќе потрае, бидејќи сѐ уште не е воспоставена процедурата за целата земја.
Парламентот го одобри предлогот на законот кој го предложи левичарската влада на премиерот Педро Санчез пред три месеца. Се противеа пратениците од конзервативната Народна партија и од крајно десната партија Вокс, како и две помали партии.
Партијата Вокс (Vox) поднесе и уставна тужба, меѓутоа тоа не го спречи стапувањето на законот на сила. Влијателната Католичка црква во Шпанија, исто така, отворено се спротистави на законот.
Законот им дозволува на лекарите да изведат активна евтаназија врз возрасните пациенти, кои се терминално или тешко болни и патат од неиздржлива болка. Ментална болест, пак, не може да биде причина за евтаназија.
Законот дозволува и индиректна евтаназија во форма на потпомогнато самоубиство, што значи дека пациенот помага во изведувањето на постапката.
Процесот има неколку фази и вклучува неколку лекари, адвокати и специјална комисија. Пациентот, исто така, мора четири пати да изјави дека сака да заврши со својот живот.
Доколку пациентот сосема не способен, предвид може да се земе и изјава напишана претходно дека сака потпомогнато самоубиство доколку дојде до терминална болест и неиздржливо патење. Лекарите и негувателите, исто така, имаат право да не учествуваат поради ткн приговор на совеста.