Законот за практиканство позитивен пример на јавно-приватниот дијалог

Новиот Закон за практиканство што е официјално е стапен во сила треба да овозможи ангажирање на практиканти надвор од образовниот процес. Со тоа кандидатите ќе може да се стекнат со нови конкретни вештини, квалификации и знаења во процесот на градење на кариера. Компаниите од приватниот сектор, пак ќе добијат можност да ангажираат практиканти на определено време со што ќе имаат повеќе можности за пополнување на одредени работни позиции кои се од таква природа.

Законот дефинира дека практикант да може да биде невработено лице на возраст до 34 години и да има завршено најмалку основно образование, а потребата од практикант работодавачите ќе ја изразуваат со објавување на јавен оглас кој треба да содржи информации за условите за практикантство. Минимален период на практикантство е еден месец, а максимален од шест месеци, како и правило еден практикант да може да врши практикантска работа само еднаш кај ист работодавач.
„Ова е голем успех и одличен пример за успешна соработка меѓу институциите и бизнис заедницата. Верувам дека Законот за практиканство ќе даде позитивен импулс во економијата, ќе ги задоволи потребите на работодавачите за наоѓање на соодветна работна сила, додека пак на тие кои немаат соодветни вештини и квалификации поголема можност за зголемување на нивната вработливост“, вели Љубомир Димовски од ЕПИ ЦЕНТАР Интернационал, директор на Проектот на УСАИД Партнерство за подобра бизнис регулатива.
Работодавачите имаат и обврска да обезбедат ментор кој ќе врши континуиран надзор на практикантот, ќе ја организира неговата работа и ќе го следи напредокот за остварување на целите за учење и практиканство. Законот предвидува обврска за плаќање на надоместок за време на практикантската работа на практикантот од страна на работодавачот, и тоа во висина од 42 отсто до 74 отсто од минималната нето-плата во земјава исплатена во претходната година. Ова се однесува на практикантство до три месеци, додека за практикантската работа подолга од три месеци месечниот надоместок кој работодавачот треба да му го исплати на практикантот треба да биде во висина на минималната нето-плата утврдена со закон.
Целата практикантска работа мора да биде поткрепена и регулирана со Договор за практикантство со кој се уредуваат односите, правата и обврските помеѓу практикантот и работодавачот. Работодавачот има обврска секој склучен договор да го пријави во Агенцијата за вработување.