Градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, кој вообичаено јавно и бурно реагира на настани и кои не се во доменот на неговите ингеренции на локално ниво, особено е брз во реакциите кога треба да нападне политички неистомисленик или да тера кампања во име на партијата која го стави на оваа функција, едноставно занеме по острите реакции на изјавите и ставовите на неговиот партиски шеф Зоран Заев кои јавноста недвосмислено ги оцени како „пробугарски“.
Шилегов не бира начини и манири кога треба да изнесе свој став, да направи себепромоција, па дури и кога му се забележува дека не ги исполнил ветувањата дадени пред сограѓаните и ништо не сработил.
Редакцијата на НетПрес, во четвртокот (26-ти ноември) преку службата за односи со јавноста на Град Скопје, побара коментар од Петре Шилегов, во својство на истакнат член на партијата СДСМ, во врска со изјавите од страна на премеирот и лидер на СДСМ, Зоран Заев, искажани во интервјуто за новинската агенција БГНес. Меѓу другото, беа поставени прашањата дали ставовите кои ги изнесува Заев во врска со преговорите со Бугарија се резултат на претходен договор и изграден партиски став на СДСМ; Дали тој лично се согласува со ставовите дека во периодот на Втората светска војна на територијата на Македонија имало само администрирање на бугарска управа а не и окупација и сузбивање на антифашистичкиот отпор во Македонија, и Каков е коментарот на Шилегов во врска со барањата на Софија за признавање од македонската страна дека идентитетот и јазикот се политички творби?
Меѓутоа, градоначалникот и поранешен портпарол на СДСМ, едноставно го снема од јавноста во периодот кога негови поранешни и сегашни сопартијци јавно и отворено реагираа на ставовите на партискиот шеф Заев, кои ги оценија како скандалозни, побараа одржување итен состанок на највисоките партиски органи, по дури и повлекување на Заев од лидерската позиција.
Инаку на оваа темата македонско-бугарски односи во заднината на ултиматумите од Софија, во врска со македонскиот национален идентите и македонскиот јазик, Шилегов единствено се огласи пред десетина дена, кога демонстрираше свој став и даде своја оцена за состојбите.
„Позицијата на Бугарија е непринципиелна и е надвор од принципите на функционирање на ЕУ и како таква не може да опстои подолго. Сме имале и потешки моменти и ова го гледам како една епизода од заокружувањето на целосната извесна иднина и стабилна иднина на Република Македонија, истакна Шилегов во гостувањето на „Само интервју“ на Канал 5 телевизија, на 20-ти ноември.
Според него, ако се има јасна позиција на главните луѓе во процесот за преговори, тогаш не е потребна екларација.
„Бугарите сметаат дека на 13-ти ноември ние сме славеле нешто поврзано со Тито. Тие сакаат да го премолчиме делот во историјата каде што е јасно дека царска Бугарија за време на Втората светска војна била соработник на нацистичка Германија. Тоа за мене е непринципиелна позиција“, рече тогаш Шилегов
Според неговите ставови кажани пред повеќе од една седмица позициите што ги постави Бугарија се „неприменливи и надвор од сите рамки на меѓународното право“.
„Во изминатите денови во Бугарија се искажуваа позиции кои се исклучиво навредливи за македонскиот народ. Ослободувањето на Скопје е круна на борбата на македонскиот народ за своја самостојна држава. Нелигитимно е тие на свој начин да наметнат сила на другата страна. Ниеден Бугарин нема право да наметне нешто на Македонија“, додаде тогаш Шилегов.
Меѓутоа, сега ,откако споменатото интервју на Заев предизвика жестоки реакции во македонската јавност и истовремено дефинитивно заострување на тлеечките францкионерски битки во СДСМ, Шилегов едноставно исчезна.