Инспекциите во Црна Гора интензивно ги контролираат трговските центри откако во саботата на сила стапи решението на здравствените власти во овие објекти да може да влезат само целосно имунизираните на коронавирусот лица, со негативен тест или кои оздравеле од Covid-19.
Ваквата одлука црногорската влада ја донесе во рамките на заострувањето на епидемиолошките мерки, откако бројот на заразените со коронавирусот за месец и половина од 500 скокна на 7.500. Споменатите услови од претходно мора да ги исполнуваат гостите во внатрешните простории на угростителските објекти и во ноќните клубови.
Новите мерки го укинуваат статусот делумно вакцинирани лица кои примиле една доза од вакцината и дигиталните ковид-потврди отсега ќе важат само доколку лицето го исполнува условот да минале 14 дена од аплицирањето на втората доза од вакцината.
Мерките предвидуваат и дека од 14-ти септември во Црна Гора ќе може да влезат само лицата кои имаат негативен тест на коронавирусот, кои се целосно вакцинирани или последните половина година оздравеле од Covid-19. Во текот на летотот во Црна Гора можеше да се влезе без никакво ограничување, а со отворањето на границите замјата постигна речиси рекордна посета на туристи, главно од регионот и источна Европа.
Образложувајќи ги новите мерки црногорската министерка за здравство Јелена Боровиниќ Бојковиќ рече дека здравствените власти се определиле предност да му дадат на вакцинирањето наместо на воведувањето на мерката полициски час на територијата на целата држава.
„Охрабрувачки факт е дека во Црна Гора 45 отсто од полнолетните граѓани се вакцинирани барем со првата доза, но тој процент мора да биде значително подобар“, истакна министерката.
Училишната година во Црна Гора започна на 1-ви септември, а бројот на заразените ученици и децата во градинките е под 0,2 отсто, па наставата ќе трае сѐ додека тоа биде можно, а учениците ќе минат на онлајн настава само доколку тоа биде неопходно.
Црна Гора последните седмици бележи во просек околу 550 заразени на дневно ниво. Вкупниот број заразени од почеот на пандемијата надмина 120.000, што е речиси една петтина од вкупното население на земјата.
Црногорските здравствени власти кон средината на март, кога земјата беше во врвот според бројот на заразените во односо на бројот на жителите беше водечка во Европа, воведоа остри епидемиолошки мерки и затворање на угостителските објекти. По шест седмици мерките дадоа резултат и бројот на заболените нагло падна, што ѝ овозможи на владата да ги отвори границите и да ги укине повеќето епидемиолошки мерки а дури на средината од мај да ја започне акцијата за масовно имунизирање.