Запленет луксузен Мерцедес АМГ Г63 на Шеваљ од Грчец – Внатрешната контрола на МВР расветлува нов криминал

Дисциплинска одговорност за службено лице кое извршило регистрација на моторно возило без присуство на сопственикот и три лица кои не ги констатирале пропустите во станицата за технички преглед, утврдила внатрешната контрола на МВР, велат за НетПрес полициски извори.

Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди, доставил известување до јавното обвинителство и изготвил предлог за утврдување дисциплинска одговорност против лицето Р.И. на работно место референт во станица за технички преглед, дополнува нашиот извор.

Имено, Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР, постапувал по известување доставено од страна на Одделот за криминалистичка полиција, според кое постапувале по наредба на Основен кривичен суд за одземање на моторно возило сопственост на лицето Ф.Ќ. од село Грчец. При проверките од нивна страна било констатирано дека возилото е регистрирано во отсуство на сопственикот, односно со временски период, во кој според проверките, лицето Ф.Ќ. било надвор од границите на државата. Согласно проверките направени од страна на надлежните служби констатирано било дека од страна на службено лице Р.И. – референт на Станица за технички преглед лоцирана во Сарај – Глумово, била извршена регистрација и промена на регистарските таблички на моторното возилото, во отсуство на сопственикот, со што Р.И. извршил потешко кршење на работниот ред и дисциплина и постапил спротивно на Законот за возила и Правилникот за регистрација на моторни возила.

Дополнително, од стрaна на Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди, доставен е предлог за утврдување дисциплинска одговорност против три лица Г.П. началник на сектор, В.Н. главен инспектор и Л.М.Б. главен инспектор за сообраќај, кои при вршење на контрола во станицата за технички преглед, не постапиле според нивниот попис и опис на работни места и не ги констатирале пропустите на станицата за технички преглед.

Илустрација (PrintScreen YouTube)

НетПрес дознава дека станува збор за заплена на теренец Мерцедес Бенз АМГ Г63.

Сомневањата на полицијата, велат оттаму, се дека вистински сопственик на ова скапо и луксузно возило е лицето Шеваљ Муареми, кој моментно е во бегство и по кого македонската полиција има рапсишано меѓународна потерница.