Европската комисија побарала од белгискиот регулатор за лекови да изврши инспекција во една фабрика во Белгија којашто произведува состојка од вакцината против Covid-19 на англо-шведската компанија „AstraZeneca“, откако производителот најави доцнење на испораките поради „падот на производството“.
Инспекцијата е спроведена, а некои запленети документи и податоци „се проучуваат“, изјавила за AFP во четвртокот вечерта една од портпаролките на белгиската агенција за лекови AFMPS.
Погоните на фабриката на компанијата „Novasep“ се наоѓаат во местото Сенефе, на југот на Белгија.
Инспекцијата и проучувањето на собранати елементи „би требало да гарантираат дека доцнењето во испораките на вакцината го предизвикале проблеми во производството во фабриката којашто работи за AstraZeneca“, соопшти кабинетот на белгискиот министер за здравство Франк Ванденбруке.
„Според процедурите во таквите случаи, инспекцијата се спроведува во соработка со други земји за да се гарантира транспарентност и објективност“, додава кабинетот на белгискиот министер за здравство.
Во тој контекст во соопштението се споменива и работата на холандските, италијанските и шпанските стручњаци, покрај белгиските.
Компанијата „AstraZeneca“ минатата седмица објави дека поради „падот на производството“ во една европска фабрика, може во првото тримесечје да испорача „само четвртина“ од дозите кои првично беа ветени на Европската унија.
Европската унија, којашто објави дека претходно нарачала до 400 милиони дози од вакцината на „AstraZeneca/Oxford“, не поверува во овие оправдувања, и ги оцени за „незадоволителни“. ЕУ сега бара од „AstraZeneca“ да го пренасочи производството од нејзините погони во Велика Британија, за да го исполни договорот потпишан во август 2020 година, за да се задоволат нарачките на 27-те земји членки на ЕУ.
Претходно во четвртокот министерот во британската влада Мајкл Гоув порача дека Лондон мора да ги добие сите вакцини против Covid-19 кои ги нарачал и платил откако Европската унија побара од англо-шведската фармацевтска компанија „AstraZeneca“ да ги пренасочи дозите кон неа од Обединетото Кралство.
Од „AstraZeneca“ во соопштението од средата објавија дека „секој синџир за снабдување е развиен со вложување на одредени земји или меѓународни организации врз основа на договор за снабдување, вклучително и нашиот договор со Европската унија“.