Почната е исплатата на платите на здравствените работници, а од денеска треба да почне и исплатата на боледувањата и породилното отсуство. Исплатата на платата на здравствените работници, како што информираа вчера од Фондот за здравство (ФЗО), ќе се врши етапно и се очекува да заврши за 48 часа. Сите услуги на ФЗО се ставени во функција по хакерскиот напад.
Во текот на денешниот и утрешниот ден, се очекува да заврши и исплатата на боледувањата и на породилните отсуства.
– Тоа значи дека веднаш ќе започне исплатата на боледувањата кои биле внесени до 5.2.2023 година. Податоците за боледувањата кои се доставени по овој датум ќе започнат да се внесуваат во подрачните служби за и тие да влезат во системот за редовна исплата, соопшти вчера ФЗО, најавувајќи дека е во тек и враќањето во функција на ДРГ-системот, за евиденција на болничките услуги.
Министерот за финансии Фатмир Бесими синоќа во гостувањето на ТВ „24“ се осврна и на проблемите со хакерскиот напад и рече дека нема добиено информација во врска со наводите кои се појавија во јавноста – дека хакерите побарале откуп за да ги вратат податоците кои ги украле во сајбернападот со кој ФЗО се бореше цела недела.
„Во период на хибдридни војни, работиме на безбедноста на системот на трезорот. Сите треба да сме внимателни во изјавите. Немам информација за откупот, а службите ќе кажат дали тоа се класифицирани информации. Ако јас имам сертификат за државна тајна, доколку има такво нешто, јас имам пристап, но немам добиено такви информации“, додаде министерот.