Започнува трансформацијата на ординациите од општа, во семејна медицина

„Специјалистите по семејна медицина од денеска можат да почнат постапка за трансформација на своите ординации по општа медицина во ординации по семејна медицина. Со ова се финализираше процедурата почната во февруари годинава, презентирана од министерот за здравство доц. д-р Венко Филипче на првиот Национален форум за здравство. Ова решение е дел од мерките за унапредување на примарната здравствена заштита, изготвени врз основа на анализите и препораките на Светската здравствена организација и во координација со стручните здруженија, соопштуваат од Министерство за здравство.

Специјалистите по семејна медицина ќе може да нудат поголем број услуги од матичен лекар. Ова е само еден дел од унапредувањето на  квалитетот на услугите во примарната здравствена заштита. На овој начин граѓаните ќе можат здравствената заштита да ја добијат поблиску до местото на живеење.

Оваа мерка е поздравена и од Здружението на лекари по општа и семејна медицина, бидејќи на овој начин, примарната здравствена заштита во која работи специјализиран кадар може да придонесе за значителни здравствени заштеди. Со навремено дијагностицирање и соодветен менаџмент на одредени состојби ќе дојде до растоварување на секундарното и терциерното ниво во здравствениот сектор. На овој начин ќе се создадат услови клиничките специјалности да се посветат на покомплексни и потешки здравствени состојби, за поголема мотивираност на лекарите, кои ќе бидат посветени на својата специјалност, а на овој начин ќе се намали и одливот, како на постојниот кадар, така и на младите лекари.