Започна постапката за разрешување на претседателот Мета

Официјално започна постапката за разрешување од должност на претседателот на Албанија, Илир Мета. Со доставување на барањето во Парламентот, албанските владејачки социјалисти ја започнаа постапката. Барањето е потпишано од 55 пратеници, меѓу нив и од новата парламентарна опозиција.

Координаторот на пратеничката група, Таулант Бала, рече дека шефот на државата направил неколку повреди на Уставот, со кои сериозно го прекршил „начелото на остварување на суверенитетот од страна на народот“ со што се ставил над Уставот.

„Првично Претседателот на Републиката врз основа на уставните надлежности потпиша уредба со која го одреди датумот на локалните избори, 30 јуни. Одложувањето на овој датум, без да одреди друг, го негира правото на суверенот да биде тоа. Со овој чин тој ги надмина неговите надлежности и се стави над Уставот“, рече меѓу другото Бала.

За разрешување на Мета потребни се 94 гласови. По дадените 100 гласови за отфрлање на уредбата за одложување на изборите, се верува дека ќе биде изгласано и барањето за отповикување. Според Уставот, потоа одлуката на Парламентот треба да ја потврди Уставниот суд, но поради негово нефункционирање, не е јасно кој ќе биде следниот чекор на социјалистите.