Засега без предлог за скусување на полицскиот час

Комисијата за заштита од заразни болести не разговарала дали да предложи скратување на полицискиот час, кажа на денешната прес конференција министерот за здравство, Венко Филипче. Сепак, тој остави простор прашањето да се дискутира и на владина седница.

„До овој момент не размислувавме конкретно за скратување на полицискиот час…ја пратиме состојбата. Доколку треба ќе предложиме до Владата, но засега – не“, рече Филипче.

Филипче на денешната прес конференција истакна дека Комисијата за заразни болести изработи научни претпоставки за тоа како може да се движи состојбата со вирусот.

„Согласно нашите трендови во периодот кој претстои се очекува понатамошна стабилизација на ширењето на корона вирусот. Меѓутоа сме свесни, дека целосно исчезнување на вирусот тешко е да се очекува. Оттаму држењето на бројот на ново заболени под контрола, капацитетите на болниците во добра состојба и почитување на мерките за лична заштита се индикатори кои е исклучително битно да се пратат апсолутно во секој момент. Согласно сегашната состојба во следните два месеци очекуваме најзначајно намалување на ширењето на вирусот, а индикациите на кои се темелат овие претпоставки се следните, најсилни изразени пост карантински мерки, затворените граници и неможноста да имаме импортиран случај, значи само случаи со локална трансмисија. Денашните и вчерашните случаи се поврзани со еден мал настан во Скопје, рече Филипче, кој додаде дека вообичаено ваков тип на белодробни епидемии траат меѓу 8 и 12 седмиции, а сега сме во 11-та седмици“, рече Филипче.

Истакна дека нешто што очекуваат во Комисијата да придонесе за ослабнување на вирусот се високите температури.