Засилено обезбедување на албанскиот премиер Рама, по заканата од мајката на Кацифас

Засилено е обезбедувањето околу домот на албанскиот премиер Еди Рама и ограненичено му е движењето во јавноста, по јавно упатената закана од мајката на припадникот на грчкото малцинство Константинос Кацифас дека ќе ја одмазди крвта на синот.

Мајката на Кацифас, кој беше убиен во престрелка со полицијата, на 40-дневниот помен одржан во саботата во родното село Буларат, низ лелек пред гробот на синот вети дека ќе одмазди. „Ќе го убијам Еди Рама. Ми го зеде мојот херој. Јас ќе ја платам крвта на син ми,“ порача мајката на Кацифас.

Оваа изјава, според весникот Koha Jone, надлежните служби ја сфатиле многу сериозно, односно како многу сериозна закана по животот на албанскиот премиер.

Министерството за внатрешни работи, албанската тајна служба SHISH, и државната полиција бројно ја зголемија стражаската служба кај куќата на премиерот Рама во Сурел и го ограничија неговото јавно движење, се до друга наредба. Тројно е зголемено обезбедувањето од придружбата на Рама.

„Сомневајќи се дека ултранационалистичките грчки кругови можат да помогнат во ова сценарио, албанските тајни служби поставија агенти за контрола на движењето на мајката на Кацифас. Службите се сомневаат дека таа тајно може да дојде до главниот град на некоја активност на премиерот“, пишува Koha Jone.

Запознаени извори од владата во Тирана за весникот велат дека е зголемена контролата врз секој функционер, особено жените, кои влегуваат во владината зграда.