Министерот за здравство Венко Филипче и директорот на Државниот пазарен инспекторат, Стојко Пауновски, сметаат дека целосното затворање на угостителските објекти е добра мерка, особено сега, во пресрет на празниците.
-Мислам дека е добра ваква мерка во пресрет на празниците. И тоа беше главниот концепт околу кој дискутиравме – дали треба да имаме радикална мерка и сериозно да го намалиме притисокот пред некои настани кои се сериозен ризик, а по две недели можеби за угостителските објекти некои други препораки. И затоа е таа препорака – изјави министерот за здравство Венко Филипче.
Тој додадава дека за евентуални промени во однос на мерката ќе се анализираат бројките и податоците за сите градови поединечно како што се правело секоја недела.
-Не смее да се дозволи експлозија и создавање кластери за празниците, посебно во ваква ситуација кога системот е оптоварен со бројни пациенти по болниците – изјави Филипче.
Според директорот на Државниот пазарен инспекторат, Стојко Пауновски, има угостители, но и граѓани кои не ги почитуваат протоколите.
-Инспекциските служби од 29 март од 4 април спровеле вкупно 5.236 надзори и контроли. Само пазарните инспектори извршиле над 4.500 контроли и надзори при што изрекле 34 прекршочни пријави, 91 решение и 43 платни налози. Вкупно осум угостителски објекти се затворени поради непочитување на протоколите, два во Скопје и Битола и по еден во Гостивар, Тетово, Струга и Куманово. Во овие угостителски објекти не се почитувало работното време или бројот на гости, односно ограничувањето на гости на една маса. Во сите случаи е изречена забрана за вршење дејност, односно тие се затворени на лице место, а дополнително се изречени и соодветни прекршочни платни налози – вели Пауновски.