Затворската полиција ќе штрајкува пред министерството за правда

Над 250 затворски полицајци поднеле тужби против затворот „Идризово“, обвинувајќи дека се манипулира со пресметките на нивните плати.

Независниот синдикат на полицијата, чии членови се затворските полицајци денеска демонстративно застана пред Министерството за правда и побара средба со министерката Рената Десковска. Тие се жалат дека несоодветно им се исплаќаат придонеси, а со години кубурат и со опрема.

Ако не им бидат прифатени барањата тие најавија генерален штрајк, со кампување пред министерската зграда.

Синдикалците пред повеќе од еден месец протестираа на истото место и побараа подобрување на правата на затворската полиција и администрацијата во затворите, преку зголемување на вредноста на бодот и нови вработувања.
Побараа итно донесување на измените на Законот за извршување санкции, укажаа на потребата од правилна пресметка на платите, примање нови луѓе во затворската полиција, како и обезбедување униформи. Воедно изразија незадоволство од работата на директорот на Дирекцијата за извршување санкции Новица Стојановиќ кој, како што рекоа, само ја продолжил праксата на своите претходници.