Завршен нападот на ал-Шабаб во центарот на Могадишу, загинаа 35 луѓе

Во речиси 24-часовната опсада на сомалиската престолнина Могадишу кој во четвртокот го започнаа припадници на радикалното исламистичко движење ал-Шабаб а заврши во петокот вечерта, убиени се најмалку 35 лица, соопштија службени лица.

Меѓу убиените се и пет борци на исламистичката група ал-Шабаб, која се смета за блиска на терористичката мрежа Ал Каеда, објави полицијата. Повеќе од 80 лица се ранети во нападот, според податоците со кои располага сомалиската полиција.

Министерот за информирање, Дахир Мохамуд Геле, изјавил за државното радио дека милитантите користеле цивили како човечки штит и поради тоа безбедносните сили долго време не можеле да ја прекинат опсадата. „Сега е готово…. терористите сакаат да убиваат невини луѓе“, рекол сомалискиот министер.

Нападот започна во четвртокот вечерта кога бомбаш самоубиец активирал експлозив, по што милитантите влегле во зграда од каде ги напаѓаа безбедносните сили. Според порано виденото сценарио на ал-Шабаб, кој изведува напади и во други земји во источна Африка, милитнатите заземаа лускузен хотел во центарот на Могадишу.

Нападот дојде само неколку дена откако американските сили ги засилија воздушните удари против оваа организација во Сомалија која се бори да ја собори од власт прозападната влада. Командата на американските сили за Африка истакнува дека од 23-ти февруари во шест возудшни напади биле усмртени 52 милитанти.

Сомалиската исламистичка групација ал-Шабаб често изведува вакви напади во главниот град Могадишу. Ал Шабаб се бори за соборување на владата која ја подржува Западот и сака да ја наметне својата строга интерпретација на исламот.

Радикалната исламистичка група Ал Шабаб (Движење на младите муџахедини) одржува тесни врски со глобалната терористичка мрежа Ал Каеда, на која ѝ изрази лојалност во 2012 година, поради што нејзините челници 2016 година беа цел на операции на американските командоси, а во Сомалија е активна од 2006 година. Во 2015 година, пак, поранешни припадници на ал-Шабаб изразија лојалност на радикалната сунитска организација Исламска држава.

Ал-Шабаб се смета за хетерогена организација којашто обединува голем број фракции, поделени по идеолошка и клановска основа. И покрај тоа, според експертите, таа останува силна групација и претставува сериозна безбедносна закана. Изминатите осум години Ал Шабаб се бори против централните сомалиски власти и ги попречува хуманитарните активности на ОН во земјата.

Сомалија сѐ уште се бори со исламистичкиот бунт, истовремено обидувајќи се да се изгради по повеќе од две децении судири и хаос кои ја уништија земјата. Сомалија престана да постои како унитарна држава во 1991 година со падот на диктаторскиот режим на Саид Баре. Како единствен легитимен орган во земјата меѓународната заедница ја признава федералната влада, која го контролира Могадишу и неколку околни области. Останатите делови на Сомалија се под контрола на непризнаени самопрогласени територии. Делови од јужна и северно-источна Сомалија се управувани од страна на локалните кланови и радикални исламски движења, вклучувајќи ги и оние поврзани со Ал Каеда. Територија на север и северозападниот дел од Сомалија е под контрола на непризнаената Република Сомалија.

Официјалните сомалиски власти немаат контрола врз ситуацијата во земјата. Пет илјади припадници на мировните сили Африканската унија, исто така, не можат да ја земат контролата врз безбедносната ситуација и под контрола имаа само неколку клучни стратешки локации во Могадишу. Во насилството во Сомалија од 2007 година, според статистиката на Обединетите нации, загинале повеќе од 30 илјади луѓе, а околу 1,5 милион се бегалци.