Завршена потрагата во Џенова, конечниот биланс 43 мртви

Потрагата по исчезнатите во уривањето на надвозникот во Џенова завршила ноќта кон неделата откако се пронајдени последните три тела, па конечната официјална бројка на смртно настраданите е 43 луѓе.

Од бетонските и челични купишта извлечени се последните три тела, објавија градските власти на Џенова. Девет лица во неделата уште се во болницата „Сан Мартино“, од кои четири се во критична состојба.

Иако сите кои биле на списокот пријавени исчезнати лица се пронајдени, началникот на пожарникарската единица Сефано Занти за медиумите изјавил „Продолжуваме со потрагата за да бидеме потполно сигурни дека никој не останал под урнатините“. Додал дека работниците го обезбедуваат местото на несреќата, таканаречената „црвена зона во Џенова, и им помагаат на иследницете во напорите да ја откријат причината за трагедијата.

Надвозникот Моранди се урна во вторникот околу 11,30 часот по локално време додека траела бура, а повеќе од триесет автомобили и најмалку три камиона паднаа на земјата од височина од најмалку 45 метри. Се смета дека катастрофата ја предизвикал еден од бетонските носачи на сајлите, откриле инженери кои ја истражуваат несреќата.

Италијанскиот премиер Џузепе Конте во петокот го започна процесот на одземање на лицената на приватната компанија којашто стопанисува со вијадуктот. Компанијата „Autostrade per l’Italia“ ја отфрла својата вина, тврдејќи дека последен пат мостотобил реконструиран во 2016 година, дека постојано биле вршени проверки при одржувањето а во моментот траеле работи на зајакнување на темелите на надвозникот. Нејзините челници најавија половина милијарда евра како отштета за семејствата на жртвите и санација на надвозникот. Од друга страна, владата најави казна за компанијата во висина од 150 милиони евра.

Сопственикот на компанијата, Џовани Кастелучо, изјави дека ќе почека официјалната истрага да покаже кој бил одговорен за уривање на надвозникот. Ниту Кастелучо, ниту Фабио Серчјаи, директор на компанијата којашто управива со половината од 6.000 километри автопати, не сакаа ништо да кажат за односите со владата.

Кастечучо објасни дека станува збор за „многу специфичен“ надвозник и дека сите коишто го проучувале го сметале за сигурен. „Нешто се случило, а судот ќе каже што“, додал. Не сакал да нагаѓа околу причините за несреќата и додал дека дождот кој врнел во тоа време ги заматила снимките на надзорните камери. Двајцата челници на компанијата, кои владата ги повика најитно да поднесат оставки, истака дка засега имаат намера да останат на своите функции.

Како можна причина за уривањето се споменува и попуштање на констукцијата. Како што изјави челникот на компанијата „Autostrade per l’Italia“, којашто управува и ги одржува автопатите, урнатиот надвозник не се наоѓал во ризична состојба.

Вијадуктот Моранди е пуштен во сообраќај на 3-ти септември 1967 година по четири години градење, а во 2016 година е реконструиран. Наречен е според проектантот, инженерот Рикардо Моранди, долг е 1.182 метри и низа години е под критики поради својата проблематична конструкција. Корисниците на социјалните мрежи наведуваат дека конструкцијата повеќепати била ремонтирана и поправана.

Надвозникот кој минува над трговски центри,фабрики, станбени згради, железничката пруга Џенова – Милано и реката Полчевера, и е дел од автопатот А10, беше тема на јавни расправи на инженерите поради големите трошоци за одржувањето кои во еден момент би требало да ги надминат и самите трошоци за неговото градење, поради што некои дури и бараа тој да биде урнат и да се изгради нов.

Пред две години за своевремено контроверзниот и скап вијадукт кој постојано е тема на стручни расправи во италијанската јавност, професорот по градежништво шри Универзитетот во Џенова, Антонио Вренцих, оцени дека мостот е „градежнички неуспех“ со „многу високи трошоци за неговото одржување“.