Гласачките места низ Турција се затворени денеска во 17 часот по локално време (16 часот по средноевропско време), со што заврши гласањето за претседателските и парламентарните избори, јави агенцијата Анадолија.
Гласачите кои се наоѓаат на гласачкото место во моментот на затворање ќе можат да ги остварат своите граѓански права и по 17 часот, како што претходно најави Високата изборна комисија на Турција.
Граѓаните на Турција денеска гласаа на претседателски и парламентарни избори и избраа меѓу тројца претседателски кандидати и 24 политички партии и 151 независен кандидат за парламентот, кој има вкупно 600 пратенички места.
Право на глас на изборите имаат 64,11 милиони луѓе, а за прв пат гласале повеќе од 4,9 милиони турски граѓани.
Актуелниот претседател Реџеп Тајип Ердоган, Кемал Киличдароглу и Синан Оган, според редоследот на гласачкото ливче, се кандидати за претседател на Турција.
Избирачките места претходно беа отворени и надвор од Турција, во 75 држави и 156 претставништва на земјата.
Гласањето на граничните премини почна на 27 април, а во дипломатските претставништва на 5 мај и траеше до 9 мај, според претходно утврден распоред.
Повеќе од 3,41 милиони граѓани се пријавени за гласање од странство.
Како што соопшти Високата изборна комисија на Турција, нецелосни и неофицијални резултати ќе бидат вечерва, во првите часови по затворањето на гласачките места.