Заврши првиот ден од комисиската расправа по Предлог-буџетот за 2023 година

Собраниската Комисија за финансирање и буџет доцна попладнево ја заврши денешната расправа за Предлог-буџетот за 2023 година, а продолжението на 52-та седница е закажано за в петок во 11 часот. За опозицијата буџетот не е развоен туку инфлациски, кризата не е увезена, а за лошата економска состојба на државата е највиновна Владата. За пратениците од владејачкото мнозинство Предлог-буџетот за 2023 година соодветствува на глобалната економска криза која го зафати светот поради војната во Украина, што неминовно се одрази и на нашата држава.

Министерот за финансии Фатмир Бесими, реплицирајќи му на пратеникот од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ. Игор Здравковски, кој забележа дека нашата држава има највисока инфлација во однос на државите од регионот и оти за тоа не е виновна само војната во Украина, рече дека е ова е четврти по ред Буџет, вклучително и ребалансот за 2020 година, кој Собранието го носи во услови на криза.

– Претходните години, ја имавме пандемијата, а сега светската економска криза. Не префрлуваме вина, не избегнуваме одговорност. Но, тоа е нашата реалност. Не можеме да кажеме дека нема криза во услови кога таа владее во Европа. Ако погледнеме во што се состои буџетскиот дефицит од 700 милиони евра, ќе видиме дека 250 милиони евра се за мерки за ублажување на ефектите од кризата. Да немаше енергетска криза, дефицитот ќе беше за толку помал. Да не мислевме на развој на инфраструктурни проекти, да не беше Коридорот 8, немаше да предвидиме 250 милиони евра и да не беа каматите од долговите кои беа акумулирани од минатото, немаше да имаме дополнителни 210 милиони евра. Ние всушност, немаме нов дефицитот, освен овие три работи, рече Бесими.

Инаку, вкупните приходи на Буџетот за 2023 година се планирани на ниво од 282,1 милијарда денари и се за 14,8 отсто повисоки во однос на 2022 година, додека расходите се планирани на ниво од 324,8 милијарди денари и се за 12,6 проценти повисоки во однос на 2022 година. Буџетскиот дефицит е планиран на ниво од 4,6 отсто од планираниот БДП или на 42,7 милијарди денари.

Вкупните расходи се планирани во износ од 324,8 милијарди денари што е за 36,3 милијарди денари повеќе во однос на Буџетот за 2022 година.

Пред почетокот на денешната 52 седница на Комисијата за финансирање, Бесими симболично му го предаде Буџетот на Стојаноски во знак на, како што рече, досегашната добра соработка.

Предлог-буџетот за 2023 година е единствена точка од дневниот ред на Комисијата која може да расправа вкупно 10 дена. Денеска заврши првиот ден од расправата, а второто продолжение ќе биде в петок во 11 часот.