Завршува мандатот на Јовески, в петок ќе се избира в.д државен јавен обвинител

Државниот обвинител Љубомир Јовески го завршува шестгодишниот мандат. Денеска за последен пат седна како член на Советот на обвинители од каде најавија дека в петок ќе се избира вршител на должноста. Од Советот велат дека ќе го почитуваат рокот од 15 дена за оценка на тројцата кандидати за нов државен обвинител.

„До денеска не е добиено барање за доставување на мислење по однос на пријавените кандидати за оваа функција. Ние, кога ќе го добиеме барањето, секако ќе го разгледаме на седница на Советот. Рокот е 15 дена, законскиот рок. Ќе го испочитуваме. Во однос на мислењето, за секој од пријавените кандидати имаат право сите членови на Советот да дадат свое мислење и врз основа на тоа ќе се изгради ставот на Советот на Јавни обвинители“, вели Душица Димитриеска, Претседател на Совет на јавни обвинители.

Тројца кандидати конкурирале за наследник на Јовески.. Фатиме Фетаи, Лидија Раичевиќ и Љупчо Коцевски. Tиe се во трка за прв јавен обвинител на државата кој оваа функција ќе ја извршува во следните шест години. Владата врз основа на мислењето на советот на обвинители, ќе предложи еден кандидат за кој ќе се гласа во Собранието.

Истиот собраниски состав требаше да расправа и за интерпелација на Јовески поднесена од пратеници на албанската опозиција, но и по два месеца откако беше точка на дневен ред, Собранието не расправаше.

Мандатот на Јовески законски завршува в понеделник. Имаше желба својот работен век да го продолжи како уставен судија предложен од власта, но не ја доби поддршката на пратениците.

Една од последните активности на Јовески беше денешниот избор за републичкото обвинителство. Заедно со неговиот глас, советот едногласно одобри унапредување за Лиле Стефанова и Наум Пановски.