Здравков: Во законот нема одредба за тоа кој ќе сноси одговорност доколку навреме не се исплатат субвенциите на земјоделците

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Здравко Трајанов, на денешната собраниска седница се осврна на состојбата во земјоделието која, како што вели е крајно лоша. Рече дека тоа најдобро го знаат земјоделците, како и тоа дека има неисплатени субвенции од 2021, 2020, 2019 и така наназад и тоа се над 30 милиони евра субвенции како и други неисплатени обврски од државата кон земјоделците.

– Со ова, паѓаат сите маски во однос на овој закон и добрите намери на владата. Во законот има добри одредби, меѓутоа тие добри одредби мораше да се најде сила да се имплементираат во моментот, затоа што 2022 година е последица на 2021 и кризите кои претходно нѐ зафатија, како и кризната 2022 која ја живееме во моментов. Во моментов имаме нарушување на светскиот пазар со храна, понуда и побарувачка. Имаме сериозни проблеми кои треба да се менаџираат час поскоро. Наместо тоа да се случи, ние го носиме овој закон, што рековме ќе го поздравиме, меѓутоа проблематично во овој закон е тоа што некои клучни работи во земјоделието кои можеме да ги решиме, ги оставаме за понатаму. На прашањето зошто е тоа така, единствен можен одговор е затоа што нема пари во буџетот.
Ако се имаше пари во буџетот, сите заостанати субвенции ќе беа исплатени. Добро знаат од МЗШВ што значи еден денар во моментот да дојде кај вредниот земјоделец во Македонија. Тоа значи можност да се обработи поголема површина, да се прави подобри приноси, да се постигнат подобри перформанси во земјоделието, но тоа не се случува. – рече Трајанов.

Трајанов додаде дека тоа што му смета во законот е тоа што нема една одредба, односно никаде во законот не е регулирано што ќе се случи доколку навреме не се исплаќаат субвенциите. Посочи дека доколку тоа се случи, никој во државата нема да сноси одговорност. Од една страна сакаме модерно земјоделство, земјоделците ќе произведат и сметаат на субвенциите кои се согласно закон загарантирани, меѓутоа не знаат кога вистински ќе ги добијат, вели Трајанов.