Здравствените власти ја игнорираат одлуката дека болните од малигни болести се ослободени од партиципација

Клиниката за радиологија им наплаќа партиципација на болните од рак, иако тоа не треба да го прави. За ова до редакцијата на ,,Слободен печат” претседателката на Здружението „Борка“, Биба Додева достави и писмени докази, фискални сметки со денешниот датум на нив, каде се гледа дека на пациентите што едвај фатиле термин за преглед, згора на тоа, им била наплатена и партиципација.

Да биде иронијата поголема, ова се случува на 13-тиот роденден на Здружението од каде изразуваат голема разочараност и револт од начинот на кој во време на пандемијата со коронавирусот, пациентите со малигни заболувања биле ставени во заден план, а скратени им биле и голем број на права да бидат лекувани, да бидат следени од страна на доктор, со што во огромен ризик е ставен нивниот живот, освен тоа што им е преидзвикан психолошки стрес.

„Со одлука во Службен весник од 29.12.2019 година број 277 е точно наведено дека пациентите со малигни заболувања се ослободуваат од партиципација. Но, ова до ден денешен е игнорирано, на штета на самите пациенти кои покрај за својата здравствена состојба, треба да се грижат и за ова“, вели Додева за Слободен печат.

Пациентки со малигни заболувања кои до нашата редакција доставија фискални сметки, велат дека плаќаат партиципација и за ехо, и за мамограм и за рентген и за земање крв, генетско молекуларни анализи и тоа не само во Скопје, туку и во Штип и во други градови.

Оригиналниот текст прочитајте го овде.