Македонија увезува жито од земјите од регионот, а домашното произведеното жито останува без откуп. Земјоделските здруженија велат дека од минатогодишната реколта 6-8 илјади тони пченица не била откупена од државата.
Оваа количина претставува 10% од домашното производство на жито, но увозот е неизбежен за да се пополнат амбарите за потребите на пазарот. Здружението на фармери бара покрај откупот на овие илјадници тони пченица, да се стимулира и обработување на земјоделското земјиште и пазарот да биде независен од увозот.
Петар Стојковски рече дека државата треба да ги зголеми царинските давачки за пченицата и да го укине монополот на суровините.
Но, од Министерството за земјоделство велат дека вината што ова жито не било откупено е на самите производители.Министерот Љупчо Николовски рече дека минатата година на 12.000 земјоделци им биле покриени 40 отсто од трошоците со зголемување на производството. Тој очекува дека оваа година ќе има поголем принос бидејќи има зголемување на регистрираните површини за субвенции.
За да се запре увозот на странското жито и да се поддржи домашното производство, Турција воведе царина од 130 отсто за увоз на некои житни култури, вклучително и пченица и пченка. Одлуката следува откако неколку земји на ЕУ објавија забрана за увоз на пченица од Украина , за да го заштитат сопственото домашно производство.